Незаинтересираностa е главната причина поради која најмногу од гласачите (37%) од вкупно 16 отсто кои се изјасниле дека нема да гласаат на претстојните парламентарни избори, нема да се појават на гласачките места на 15 јули, покажува анкетата на Националниот демократски институт (НДИ) од САД.

Како следна причина се наведува стравот од ковид-19 (22%), потоа бојкот на изборите за што се изјасниле 15 проценти од испитаниците кои нема да гласаат, незадоволство, разочараност од сите партии (12%), други обврски (8%) и здравствени и други причини (1%).
За 58 проценти од овие гласачи ништо не може да им го промени мислењето да не излезат на гласање на предвремените парламентарни избори за неполни две недели.

Но доколку состојбата со ковид-19 се стави под контрола, 9 проценти од анкетираните кои сега тврдат дека не би гласале, би го промениле мислењето.
За 5 проценти, вработување на член во семејството би било причина тие да се предомислат и на 15 јули да гласаат, исто толкав процент (5 %) ќе го сменат мислењето и ќе гласаат ако се подобри економијата и животниот стандард, 3 проценти би се предомислиле ако од тоа имаат лична корист, ако се исполнат ветувањата и ако политичарите работат за народот, додека 2 проценти би гласале ако има трета опција и програма на партија. Еден процебт од оние кои сега се изјасниле дека нема да гласаат на изборите, би гласале на 15 јули ако има владеење на правото.
НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12 до 21 јуни, на национален репрезентативен примерок од 1 213 испитаници. Анкетата е со маргина на грешка од +/- 2,8 проценти и 95 проценти стапка на доверба.
