Од Министерството за здравство велат дека немаат надлежност да вршат истраги или да утврдуваат веродостојност на документи, но бараат да се спроведе итна истрага од надлежните институции во врска со маските со лажни сертификати кои завршиле низ болниците во земјава. Веста за маските со лажни сертификати ја објави утринава Истражувачката репортерска лабораторија како резултат на меѓународно истражување.
„Министерството за здравство бара итна, брза и независна истрага од страна на надлежните институции за да се утврди точната состојба. Министерството целосно стои на располагање во рамки на своите надлежности за соработка со сите надлежни институции за да се утврдат евентуални неправилности во посочените продукти и соодветно да се реагира за да се заштитат јавното здравје и медицинските работници“,
се вели во соопштението на Министерството.
Тие велат дека не располагаат со информации поинакви од она што е објавено во текстот, а е цитирано од МАЛМЕД. На барање на Министерство за здравство, МАЛМЕД доставила сосема идентични одговори.
„Во однос на информациите наведени во гореспоменатиот текст за набавки на маски со фалсификувани сертификати, Министерството за здравство информира дека нема надлежност да постапува и да врши истраги ниту, пак, да утврдува веродостојност на дадените документи“,
се вели во соопштението.
Најмалку седум јавни здравствени институции во Македонија набавиле маски кои имале лажни и невалидни сертификати за квалитет и се под истрага на Европската канцеларија против измами ОЛАФ, објави Истражувачката репортерска мрежа (ИРЛ). Маските биле кинески, а институциите ги набавиле на тендер.
Трите македонски компании кои ги увезле, купиле и продале спорните маски од типот КН95 се „Д-р Пановски“, „Систина Фармација“ и „КМ Маријан“. Агенцијата за лекови МАЛМЕД не вршела проверки на квалитетот на увезената заштитна опрема затоа што немала таква надлежност, но тие сепак им издавале одобренија за увоз.
