На терен се инспекциските служби на Град Скопје и на ресорното министерство, вели градоначалникот Ѓорѓиевски. По сторителот се трага и со дрон, а екипи на скопски „Водовод“ земаат примероци за да утврдат за каква материја станува збор

Од попладнево, бела пена се влева од реката Лепенец во Вардар, а социјалните мрежи се преплавени со фотографии од граѓани кои го забележале тоа. Настанот го потврди и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој вели дека пред околу час и половина добиле пријава.

На терен се инспекциските служби на Град Скопје и ресорното министерство, додава Ѓорѓиевски, по можниот сторител се трага и со дрон, а екипи на скопски „Водовод“ земаат примероци за да утврдат за каква материја станува збор.

„Нашите инспекциски служби веднаш излегоа на терен, а дополнително ги контактиравме и инспекциските служби на Министерството за животна средина, кои исто така веднаш излегоа на терен. Дополнително, од страна на инспекциските служби на град Скопје, беше пуштен и дрон за детектирање на причинителот на оваа појава, а службите од ЈП ‘,Водовод и канализација’ беа повикани за да земат примероци од реката и веднаш ги испитаат и утврдат за каква материја станува збор“,
вели Ѓорѓиевски.
Првиот човек на Скопје вели дека е во постојана комуникација со надлежното Министерство за животна средина и уверува дека веднаш штом дознаат што е причинителот, јавноста ќе биде известена.

„Толеранција нема да има за никого! Веднаш штом добиеме подетални информации од министерството кое е надлежно за разрешување на состојбите, ќе бидете информирани“,
објави Ѓорѓиевски.
