Повеќе интернет-портали и фејсбук-страници на македонски јазик кои се дизајнирани да наликуваат на медиумски редакции од земјава се, всушност, експозитури на бугарската Фондација „Македонија“ на контроверзниот Виктор Стојанов. Речиси 140 илјади профили ги следат овие страници само на Фејсбук
Најголем дел од содржините пласирани во мрежата на портали и страници на социјалните медиуми се вообичаени, но дел се презентирани на начин што предизвикуваат жестоки дебати за односите меѓу Македонија и Бугарија, за односите меѓу Македонците и Албанците и слично
Аналитичарот Димитар Николовски смета дека зад ваквите операции стојат геополитички играчи кои не сакаат интеграција на Македонија и Западниот Балкан во ЕУ. Земја со најсилен таков интерес, додава, е Русија
По овој почетен пасус има галерија од пет фотографии. Сите се од секцијата „кратки видеа“ (reels) на пет различни фејсбук-страници. Сите изгледаат речиси идентично бидејќи овие пет фејсбук-страници објавуваат речиси идентични видеосодржини.
Фејсбук-страниците за кои станува збор се: Вестимак.мк, Вестимк.мк, 24мк.мк, мк24.мк и Утре.мк. Не им се заеднички само видеосодржините.
Контрола од странство
Според јавно достапните податоци на Фејсбук, сите наведени страници се креирани во временскиот период помеѓу јануари и јули 2023 година. Вестимак.мк е креирана во јануари 2023 г., Вестимк.мк во јуни 2023 г., а другите три на ист датум – 11 јули 2023 година.
| ИМЕ НА ФЕЈСБУК СТРАНИЦА | ДАТУМ НА КРЕИРАЊЕ |
| vestimak.mk | 29.1.2023 г. |
| vestimk.mk | 4.6.2023 г. |
| 24mk.mk | 11.7.2023 г. |
| mk24.mk | 11.7.2023 г. |
| utre.mk | 11.7.2023 г. |
Следниот заеднички именител им е што, според информациите на Фејсбук, сите овие страници се управуваат од странство.

Попрецизно, ги управуваат три профили од соседна Бугарија и еден профил од Македонија. Фејсбук не открива за кои профили конкретно станува збор.
Наметнување наративи
Сите овие фејсбук-профили, кои се полнат со содржини од корисници од соседна Бугарија, имаат вкупно 137 илјади следбеници. Најголем дел од објавите се вообичаени вести од земјава, но меѓу неколку дневни вести се провлекуваат објави што поттикнуваат дебата за, на пример, односите меѓу Македонија и Бугарија, односите меѓу Македонците и Албанците и слично.
За илустрација, на сите пет страници, на 13 јули 2026 година е објавен дел од интервју на Арбен Таравари за поткастот „Почетна пресметка“, кој воопшто не предизвика интерес во меинстрим-медиумите во земјава. Говорејќи за ЕУ-интеграцијата на Македонија, Таравари се осврнува и на обврските од Преговарачката рамка за внесување на Бугарите во Уставот. Некои од насловите на фејсбук-објавите гласат: „Таравари: Македонците немаат поблизок народ од Бугарите, мора да го сфатат тоа“ или „Бугарите апсолутно треба да влезат во Уставот, сметам дека и ВМРО го има истиот став“. Под таквите наслови некогаш има и стотици коментари, вклучувајќи:
„Сè што е на штета на Македонците, ти сè одобруваш“,
пишува еден коментатор.
„Не само Бугарите, туку и Албанците надвор од Уставот“,
пишува друг.
„Ставете ги во албанскиот Устав и земете си ги дома ако ги сакате“,
коментира трет корисник.
„Абе, шпион еден, што не ги ставиш Србите во албанскиот Устав“,
напишал корисник на Фејсбук.

Има и други, поексплицитни коментари, во кои се навредуваат поединци, но и цели народи. Тоа не само што се случува секој ден, туку и неколкупати дневно. Формулата е иста – објава на содржина со провокативен наслов за меѓудржавни или меѓуетнички односи, по што редовно доаѓа јавна препирка што ескалира во навреди и омраза во коментарите.
Сите патишта водат до Софија
Иако можат да се проверат некои факти, Фејсбук не објавува чија е некоја страница и кој ја основал. Но, страниците споменати погоре, кога објавуваат вести, користат текстови од неколку интернет-страница. А секоја интернет-страница мора да биде регистрирана некаде. Ние идентификувавме шест портали кои служат како извор за вести што се пренесуваат на споменатите фејсбук-страници. Пет од нив се регистрирани во земјава.
Според податоците достапни на МАРНЕТ, vestimak.mk и vestimk.mk ги регистрирал извесен Александар Смиљков. Иако се две засебни веб-страници, е-адресата за контакт е иста: [email protected]. Другите три веб-страници – 24mk.mk, mk24.mk и utre.mk ги регистрирало лицето Асен Петровски. Иако се три засебни веб-страници, е-адресата за контакт е иста: [email protected].
| ИМЕ НА ПОРТАЛ | РЕГИСТРАНТ | КОНТАКТ Е-АДРЕСА |
| Vestimak.mk | Александар Смиљков | [email protected] |
| Vestimk.mk | Александар Смиљков | [email protected] |
| 24mk.mk | Асен Петровски | [email protected] |
| Mk24.mk | Асен Петровски | [email protected] |
| Utre.mk | Асен Петровски | [email protected] |
Доволно е само да се внесе таа е-адреса во пребарувачот Гугл за да се дојде до информацијата дека [email protected] е контакт-адреса која ја користи бугарската Фондација „Македонија“. На пример, кога имале повик за доделување стипендија за студирање во Софија на еден студент од Македонија.

Споменатите фејсбук-страници споделуваат и содржини од една веб-страница која не е регистрирана во земјава. Станува збор за vestimak.com. Проверките покажаа дека е регистриран во Бугарија. A, на адресата на Фондацијата „Македонија“ во Софија, на улицата „Брезите“ бр. 3 постои трговско друштво со истото име како и интернет и фејсбук-страницата – vestimak ltd.
Фирмата vestimak ltd. има осум сосопственици. Еден од нив, со 25% е основачот на Фондацијата „Македонија“ – Виктор Стојанов. Станува збор за бугарски државјанин кој уште од 2022 година има забрана за влез во земјава.
Раздор
На 4 март 2026 Агенцијата за национална безбедност објави дека во соработка со Јавното обвинителство, Бирото за јавна безбедност и МВР синхронизирано се преземени мерки за кривичноправен прогон на лица и одземање пропагандни материјали кои имале за цел да предизвикаат етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните во земјава. Во соопштението се посочува и дека запленетиот материјал требало да поттикне омраза кон македонската држава и идентитет, а дека пријавените, преку фејсбук-страницата „Историски податоци за Македонија“, споделувале содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација.
Истиот ден Јавното обвинителство соопшти дека е отворен предмет за случајот. Но, за разлика од АНБ, оттаму објавија дека е осомничено само едно лице и тоа за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
„На ваквите активности осомничениот бил поттикнат од бугарски државјанин кој подолг период на социјалните мрежи и на други портали објавува содржини чија цел е поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство“,
пишува во соопштението на Јавното обвинителство од 4 март 2026 година.
Официјално, не беше соопштено името на бугарскиот државјанин. Неофицијално, поголем број медиуми објавија дека станува збор за Виктор Стојанов, од Фондацијата „Македонија“.
Никому ништо
„360 степени“ се обрати до Јавното обвинителство со неколку прашања во врска со предметот отворен во март. До објавувањето на оваа сторија, не добивме одговор.
Пред само две недели, порталот „Скопје1“, повикувајќи се на „повеќе извори“, објави дека над 20 портали се под истрага на МВР и АНБ за ширење на говор на омраза. Кога беше објавен текстот, на 5 јуни 2026 година, на претходно инкриминираната „Историски податоци за Македонија“ осамна следниот текст:
„Нек дојде АНБ во Влае нас да ни избрише како Бугарски портал. Ги чекамеее
. Мицко, шупелке една, нема да бидеш втор Ким Чен Ун. Мивко една.“
Проверката на податоците на Фејсбук, сепак, покажува дека страницата ја управуваат четири профили од соседна Република Бугарија..

Тоа, пак, не го менува фактот дека продолжува да постои и да објавува содржини, кои според домашните служби, имаат за цел да внесат нетрпеливост и омраза во земјава.
Главниот „уредник“
Во Македонија веќе подолго време постојат и други интернет-портали, фејсбук-страници, па и поединци кои редовно отвораат теми за Бугарија, за Бугарите во Македонија или, пак, ја промовираат соседна Бугарија. Некои од нив имаат јасно деклариран издавач, односно импресум.
Но, порталите споменати во овој текст, немаат импресум. Немаат контакт, немаат издавач. Дополнителна околност која фрла сомнеж на целата операција е и тоа што фирмата од Бугарија, „Вестимак“, иако има основачи и седиште, нема прикачен годишен финансиски извештај од основањето. Но, освен прашањето како се финансира целата операција, се наметнува уште едно – можеби и уште поважно – кој има полза да подгрева нетрпеливост и внатре во Македонија и помеѓу Македонија и Бугарија?
„360 степени“ се обрати директно на е-адресите што се депонирани во МАРНЕТ при регистрацијата на споменатите портали. Поставивме три прашања – зошто не објавуваат импресум и издавач, како се финансираат со огледа на тоа дека немаат значајна комерцијална активност на веб-страниците на споменатите портали и која им е целта со објавата на содржини кои провоцираат говор на омраза на социјалните мрежи.
Добивме два одговори на 22 јули 2026 година. Прво, околу 18:00 часот по македонско време, на е-адресата на авторот на овој текст од каде што и беа испратени прашањата, стигна повратно писмо од е-адресата [email protected]. На е-писмото е потпишан Виктор Стојанов. Ова е интегралниот одговор на нашите прашања:

„Вие сте државен медиум на Република Северна Македонија, каде што до неодамна министерот и вицепремиер беше човекот на Путин во Скопје – Иван Стоилковиќ. На вас ли бе да даваме објаснувања? Ќе ве прогонуваме до крај. Чао.“
Околу три часа подоцна, но на една од службените е-адреси на „360 степени“ ни стигна нов одговор на истите прашања, исто така од мејлот [email protected]. Еве го и тој допис:
„Ќе ѝ дадете ли информации на македонската јавност дека сте државен медиум на РСМ, односно директно потчинет на Мицкоски?
Ако утре не дадете таква официјална изјава, утре ќе ѝ покажеме на целата македонска јавност дека сте државен медиум. За да не ви веруваат бидејќи не сите во Македонија го поддржуваат Мицкоски и неговите проруски и просрпски политики.
Топли поздрави.“
Кој има полза од нетрпеливост и омраза
Димитар Николовски, извршен директор на „Евротинк“ и експерт во областа на десните популизми и екстремизми во Европа, смета дека намерата со ваквите портали е да се предизвикува револт кај македонските граѓани. Потоа тој револт се префрла на полето на социјалните мрежи, каде што се вкрстуваат мислењата меѓу Македонци и Бугари.

„Тоа многу лесно прераснува во огромен говор на омраза. Тоа го забележувам особено во последните неколку месеци, дека е зајакната таа (појава н.з.). Многу е стеснет просторот каде што може пријателски да се разговара со луѓето од преку границата затоа што многу лесно дискусијата пламнува во говор на омраза, навреди и етнички стереотипи и предрасуди.“
Ефектите од порталите раководени од Фондацијата „Македонија“ за кои говори Николовски се во директна спротивност со декларираните цели на организацијата. На нивната страница пишува дека се залагаат да се изградат мостови меѓу македонското и бугарското општество во сите сфери на животот. Па, дури и да станат едно општество во две држави.
Николовски, сепак, потсетува дека основачот Виктор Стојанов во практика го прави сосема спротивното.
Според моите сознанија, тој игра некоја улога која не е поддржана од страна на Софија, од бугарската држава, туку зад него стојат некои други бизнис-политички интереси чија цел е одржување на непријателството меѓу двете држави.
360: Кои се тие структури или на чиј интерес служи тоа што го работат Виктор Стојанов и неговата организација?
Ја споменав геополитиката. Ова оди најмногу во корист на тие што не сакаат да има интеграција на Македонија или Западниот Балкан во Европската Унија. А, знаеме дека преку одржување на ваквото непријателство, патот на нашата држава кон ЕУ изгледа сè подалеку и поневозможно изгледа дека ќе можат да се отворат преговорите. Така што, тука би ги ставил геополитичките играчи како што е Русија, која веројатно има најголем интерес за да нема интеграција на Балканот.
360: Кај Виктор Стојанов не можат да се најдат некакви јасни врски?
Така е, кај него не можат да се најдат. Кај него дури има и поддршка за Украина. Меѓутоа, има многу такви играчи низ цела Европа коишто играат на тој начин, а чија цел е внесување раздор на населението во Европа, така што ова е само еден локален играч во една многу поголема глобална игра.“
„Македонија“ ќе ја освојува Македонија
Што би можеле да сторат надлежните органи во дадената ситуација, е уште една од темите кои ги продискутиравме со Димитар Николовски. Истрагите, вели тој, се начин формално да се докаже малициозна цел или сомнителни финансиски односи. Но, смета дека рацете на обвинителството се врзани кога станува збор за евентуалните рестриктивни мерки или затворање портали поради упадот во областа на слободата на говорот.
Тие граници, се чини, добро му се познати и на самиот Стојанов. Токму додека се работеше овој текст, а пред да се обратиме со прашања до споменатите портали, на фејсбук-страницата на Фондацијата „Македонија“, тој објави дека Скопје ги труе Македонците со пропаганда против Бугарите и Бугарија преку медиумите и социјалните мрежи.
„Затоа во 2022 година ние во Фондацијата ‘Македонија’ ги создадовме нашите први медиуми, а денес им помагаме на над 10 слободни медиуми во регионот на Северна Македонија. Сега е време повеќе Бугари да се обединат околу овие наши медиуми и да создадат уште најмалку 10, да ги развијат како најпопуларни медиуми во Северна Македонија. Да ја разбијат пропагандата и говорот на омраза и да доминираат на екраните на телефоните, лаптопите, па дури и телевизорите на Македонците. Ова е можно долгорочно решение за запирање на бруталната антибугарска пропаганда на Скопје. Размислуваме за создавање целна и контролирана членарина од 5 евра месечно преку која би се собирале пари секој месец, со кои пари транспарентно за секој член би можеле да ги одржиме и развиеме нашите слободни медиуми во Северна Македонија. Пишете ни, вклучете се“,
пишува во објава на фејсбук-страницата на Фондацијата „Македонија“.
Следниот ден, честитајќи го празникот Илинден според ревидираниот јулијански календар, напиша и:
„Мора да го удриме македонизмот со медиумите и со тоа да го запреме говорот на омраза! Втората цел е да се создадат бугарски партии во Скопје и да има бугарски министри и заменици!“
На објавата во моментот има повеќе од 850 коментари. Најголемиот дел од нив се варијации на следниве неколку примери – копиле смрдено Татарско, гнидо татарска – оди лечи се, мрш таму татарска џукела.


Меѓу нив се појавува и еден профил на бугарски јазик кој предупредува – ќе бидат избришани сите коментари во кои Бугарите се нарекуваат Татари. Профилот кој е затскриен зад псевдоним на тоа добива коментар од корисник со име и презиме, извесен Пепи. „Бугари – фашисти“, пишува тој. „Идеално, честито😂“, возвраќа скриениот профил на бугарски јазик.
