Примарни причини се неквалитетната градба и неконтролираната урбанизација, вели универзитетскиот професор и поранешен декан на Градежниот факултет, Горан Марковски. Второстепен, но очигледен проблем при секоја временска нестабилност се непрописно уредените градилишта
Според претседателот на Градежната комора, Ивица Јакимовски, во случајот не може да се зборува за еден фактор и врз основа на него да се генерализраат работите, туку ситуацијата треба да се гледа од поширок аспект. Првенствено е дека станува збор за природна непогода со каква што во минатото не сме имале искуството, а потоа и дека е можно да станува збор за постари објекти или пак нови со неквалитетна изведба
Додека надлежните локални власти сè уште ги проценуваат штетите од вчерашното навреме што го зафати Скопје, но и други градови, неодминлив е впечатокот дека како никогаш досега ветрот носеше кровови од згради и институции во главниот град.

По тротоари, паркинзи, дворови завршија кровови на објекти кај трговскиот центар „Мавровка“, дел од кровот на Центарот за странски јазици, лимен кров што падна од зграда во населбата Острово во Аеродром, кров кој падна од зграда во Чаир и уште многу други. Од вакви штети ветрот не поштеди ниту една скопска општина, а првичниот впечаток е дека меѓу најпогодените е Општина Карпош.
Денеска медиумите обзнанија дека е оштетена и кровната конструкција на базенот во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Освен на станбени, невремето предизвика штети и на витални објекти. Оштетен е кровот на Градската општа болница „8 Септември“. Штети има и на претседателскиот комплекс Вила „Водно“, објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство. Информациите од МВР велат и дека се регистрирани значителни последици и на скопскиот аеродром, каде што поради поради протекување на кровот излезот од државата беше во прекин околу час и половина.
Големиот број летнати кровови го отвора прашањето за причините за ваквиот исход од вчерашното невреме.
Според универзитетскиот професор и поранешен декан на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Горан Марковски, два проблеми биле воочливи за време вчерашната временска непогода – уривањето на одреден број кровни конструкции и носењето градежни материјали, песок и дел од лимови од градилиштата.
Уривањето на кровните конструкции, вели професорот, е последица на неквалитетна изведба и проектирање или на двете комбинирано. Вели оти е факт дека ветрот што дуваше беше силен, но смета дека доколку нешто е изведено според пропишани стандарди и норми не би требало да дојде до вакви последици кои се опасни по животот на луѓето.
„Тоа е последица на несоодветна изведба, немање стручен надзор на работите, што кај нас за жал прерасна во вообичаен стандард при работењето“,
вели професор Марковски за „360 степени“.
Како дополнителен фактор тој го посочува и несоодветното одржување на објектите. Вели не може да градиме објекти, а потоа тие да не се одржуваат.
Вториот проблем, кој според него бил воочлив, и тоа не само вчера, туку и при секоја временска нестабилност, се непрописно уредените градилишта кои предизвикуваат проблеми на блиската, но и на пооддалечената околина.
„Летаа градежни материјали и прав од градилиштата, парчиња од лимови, што е опасно по животот на луѓето. Тоа, исто така, е последица на непочитување на градежните стандарди поврзани со заштита на животната средина и стандардите поврзани со градење“,
вели професор Марковски.

Според него, за сите овие проблеми треба да се разговара и да се бараат решенија пред временските непогоди да ни предизвикаат вакви последици. Ова Марковски го врамува во контекст на климатските промени, кои носат дополнителни ризици, на кои, додава, треба да бидеме подготвени.
„Сведоци сме дека климатските промени ни носат дополнителни ризици коишто треба да ги пречекуваме многу поподготвени. Оттаму сметам дека е дојдено крајно време целосно да ги прифатиме европските стандарди во проектирањето на конструкциите кои, меѓу другото, ќе ни обезбедат поголема нивна безбедност и секако преиспитување и осовременување на стандардите поврзани со комуналната инфраструктура“,
смета професорот.
Ситуацијата со слабостите во градежништвото на кои нè потсети невремето вчера, додава Марковски, е директно поврзана со неконтролираната урбанизација.
„Ова е директно поврзано со неконтролирната урбанизација, односно енормното зголемување на бројот на нови објекти без осовременување на канализациската инфраструктура, намалувањето на зелените површини кои можат да апсорбираат дел од врнежите и недоволно осмисленото планирање на градби на чувствителни терени“,
вели професорот.
Став за причините поради кои дел од кровните конструкции попуштија пред налетот на силниот ветер, кој според информациите на Управата за хидрометеоролошки работи на моменти дувал со бврзина од 130 километри на час, побаравме и од претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Ивица Јакимовски. Според него, во случајот не може да се зборува за еден фактор и врз основа на него да се генерализираат работите, туку ситуацијата треба да се гледа од поширок аспект.

Едниот е дека станува збор за природна непогода, со каква што во минатото не сме имале искуството, а другата е оти е можно да станува збор за постари објекти или пак нови со неквалитетна изведба.
„Ако направиме паралела со дрвјата, вчера не се паднати само стари дрвја, туку и нови. Не може да се посочи само на еден фактор. Не е еден случај кој може да се анализира и врз основа на тоа да се генерализира. Дел од зградите во Карпош каде што имаше паднати кровови се постари, од друга страна дел од зградите кои се понови се случува да се со несоодветен квалитет. Ако во минатото не сме имале искуства со вакви силни ветрови, сега треба да се има и тоа предвид. Тоа налага при градењето да се користат квалитетни материјали, но исто така е важна и изведбата. Ако тие не се поставени како што треба, при изведбата може да настане проблем“,
вели Јакимовски за „360 степени“
