На кратко, дека во справувањето со ситуацијата ќе управува централната, наместо локалната власт
Улогата на координатор во системот на управување со кризи му припаѓа на Управувачкиот комитет, кој е тело на Владата
Владата вчера попладне прогласи кризна состојба во Гостивар. Во соопштението до јавноста, не оставија многу простор за толкување – зошто се одлучија на таков чекор.

„Со оглед дека локалната самоуправа не може да се справи со настаната состојба во Општина Гостивар, Владата донесе ваква одлука за прогласување на кризна состојба се со цел побрза координација на институциите како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување на вода за пиење во најкраток можен рок“,
гласи дел од соопштението на Владата по повод прогласувањето на кризна состојба.
„360 степени“ се обрати до кабинетот на градоначалникот на Гостивар по ваквата одлука на Владата. Меѓу другото прашавме – дали се согласуваат дека локалната власт не е способна сама да се справи со состојбата, како што тврди Владата. До овој момент, немаме одговор.
Владата превзема
Во неодамнешната историја на Македонија, Владата прогласуваше кризна состојба во неколку наврати, од онаа за време на мигрантската криза до пандемијата со ковид. Тоа, на областа за која се прогласува кризната состојба, значи дека со справуањето на ситуацијата ќе управува централната, наместо локалната власт.
Постапување во услови на кризна состојба е уредена со Законот за управуање со кризи. Тој ги дефинира механизмите, институционалната координација и начинот на кој се донесуваат одлуките во услови кога се загрозени здравјето, безбедноста или имотот на граѓаните. Ваква состојба се прогласува кога нема услови за воена и вонредна состојба.

Според Законот, кризната состојба се прогласува заради навремена превенција и справување со ризици од поголем обем и за за ефикасно управување со системот. Се формираат посебни органи и тела кои треба да донесуваат брза и усогласена реакција на сите нивоа.
Улогата на координатор во системот на управување со кризи му припаѓа на Управувачкиот комитет, кој е тело на Владата. Во состав на Комитетот се министрите за внатрешни работи, здравство, транспорт, одбрана, надворешни работи и надворешна трговија, како и раководителот на групата за процена. Во работата учествуваат и претставник од Кабинетот на претседателот и претставник од Собранието кој е од редовите на опозицијата.
Во Законот е наведено дека премиерот е тој што одредува кое лице од Комитетот ќе раководи со него, а по потреба може да се вклучуваат и надворешни експерти.
Според соопштението на Владата, во случајот со Гостивар, тој комитет ќе го сочинуваат:
- министерот за одбрана Владо Мисајловски,
- министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски,
- министерот за внатрешни работи Панче Тошковски,
- министерот за здравство Сашо Клековски,
- министерот за транспорт Александар Николоски и
- директорот на Дирекција за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Надворешни членови, пак, се:
- министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа,
- министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски,
- директорот на СОЗР, Ивица Томовски,
- директорот на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска,
- директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов,
- директорката на Инспекторат за животна средина Ивана Гиновска и
- претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Одлуката за постоење на кризна состојба ја донесува Владата и таа дефинира точно кое подрачје е опфатено и соодветно на тоа и дава предлог за активирање на механизми за нејзино разрешување.
Одлуката на Владата за прогласување кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена. Доколку има потреба кризната состојба да се продолжи овој рок, Владата мора да побара одобрување од Собранието или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.

Според Законот, за секоја донесена одлука, Владата веднаш го известува Собранието и претседателот на државата. Во овој контекст, извршната власт има обврска да доставува писмени извештаи еднаш неделно, како и детален извештај 30 дена по завршувањето на кризата.
При прогласена кризна состојба, Владата има право да ги стави во функција ресурсите на државните органи, општините и на Градот Скопје, а нивното користење мора да биде пропорционално според природата и интензитетот на кризната состојба, но разумно според карактерот на кризата и сериозно според јачината на кризата.
Освен државните капацитети, Законот предвидува дека може да се ангажираат ресурси на јавни претпријатија, но и на приватни компании и граѓани, врз основа на договор или доброволно.
За користење на приватни ресурси се исплаќа дневен надоместок во висина до 30 отсто од просечната месечна нето-плата во државата. Доколку средството биде оштетено или уништено, надоместокот не смее да биде помал од неговата пазарна вредност. Граѓаните и фирмите имаат можност и писмено да се откажат од овој надоместок.
Со ресурсите на противпожарните единици и спасувачките сили раководи директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) по барање на Главниот штаб.
Во кризната состојба може да биде ангажирана и Армијата. Таа учествува во поддршка на полицијата доколку е загрозена безбедноста, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување.
Управувачкиот комитет доставува предлог до Владата за потребата за учество на дел од Армијата во кој се прецизираат бројот на војници, намената, задачите и времетраењето на активноста и ангажирањето на армиската единица.
По предлог на Владата, конечната одлука за учество на дел од Армијата ја донесува претседателот на државата, кој во секое време може да ја преоцени таквата потреба.
Дали Владата има донесено одлука кои од овие мерки ќе ги активира, став побаравме од директорот на Дирекцијата за зашттита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, кој е дел од Управувачкиот комитет. До објавувањето на овој текст не добивме одговор од Лимани и од Ангелов.
