Досега 3 000 лица пројавиле симптоми на труење. Хоспитализирани се четворица – тројца возрасни и едно дете, соопшти Клековски
Здравствените власти чекаат согласност од Јавното обвинителство за да ги соопштат резултатите за водата во Гостивар што доведе до масовно труење на населението и прогласување епидемија. Министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција кажа дека наодите од Институтот за јавно здравје се побарани од страна на Обвинителството.
„Нека нè информира дека може да ги соопштиме и ние ќе ги соопштиме, бидејќи во основа ИЈЗ и до мене ги нема доставено информациите. Во првиот момент кога ќе дозволи ОЈО да ги соопштиме резултатите, ќе ги соопштиме. Во основа ги чекаме резултатите од копрокултурите, ги чекаме резултатите што другите институции ги прават и замолувам да сфатите дека додека не добиеме согласност, тоа нема да го направиме, бидејќи анализите се направени по нечие барање“,
рече Клековски.
Според Клековски, храната е исклучена како можен извор на труење и нагласи дека останува водата како можен содржател на сите овие случаи, што мора да се потврди со епидемиолошките анкети и конкретните наоди од водата.
„Во претходната комуникација одев по логика на исклучување – со оваа демографија значи ние имаме од една-две години до 80 години засегнати од различни географски населени места во повеќе денови и јасно дека не може да биде храна, бидејќи не може овие луѓе да се поврзат со еден извор на храна. Чекавме доволно епидемиолошки анкети за да одиме наназад да видиме каде консумирале храна, каде пиеле вода. Мора некаква врска да се направи меѓу сите сите случаи“,
посочи Клековски.

Во однос на моментната состојба во Гостивар, Клековски посочи дека има речиси 3 100 здравствени контакти од Здравствениот дом Гостивар и Општата болница, вклучително телефонски јавувања и интервенции на Брзата помош.
Во текот на вчерашниот ден имало вкупно 564 здравствени контакти од кои 289 во болницата, а 275 во Здравствениот дом.
„Кумулативно во Општата болница први контакти се 1 750, во Здравствен дом Гостивар 1 392, значи приближно 3 100. Во Здравствениот дом од Општата болница се упатени 175, така што може да имаме преклопување на бројките. Домашна посета и Итната медицинска помош има 112 реакции. Во моментот имаме хоспитализирани четворица, тројца возрасни и едно дете“,
соопшти Клековски.
Клековски додаде дека во ниеден момент немало криење информации од Министерството за здравство за состојбата во Гостивар. Апелира граѓаните да соработуваат со институциите, да даваат податоци за епидемиолошките анкети и анализи за да може се поврзат податоците.
