Пријавениот, вработен како виш соработник за логистика и теренско работење во Државниот универзитет Тетово, од март 2020 до февруари 2023 година ја искористил својата службена позиција и наместо паричните средства што во готовина му биле доверени од студентите на Природно-математичкиот, Медицинскиот и Факултетот за физичка култура да ги уплати на сметката на Универзитетот врз основа на партиципација, кофинансирање и други трошоци за студирање, тој ги присвоил за себе
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против А.З., вработен во Државниот универзитет Тетово, поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување и фалсификувал исправа.

Од Финансиската полиција наведуваат дека пријавениот, вработен како виш соработник за логистика и теренско работење во Државниот универзитет Тетово, од март 2020 до февруари 2023 година ја искористил својата службена позиција и наместо паричните средства што во готовина му биле доверени од студентите на Природно-математичкиот, Медицинскиот и Факултетот за физичка култура да ги уплати на сметката на Универзитетот врз основа на партиципација, кофинансирање и други трошоци за студирање, тој ги присвоил за себе.
Со ова, додаваат оттаму, пријавениот противправно се стекнал со 3 362 272 денари, речиси 55 илјади евра, а за истиот износ го оштетил буџетот на Универзитетот во Тетово
„Со цел да го прикрие присвојувањето на паричните средства и трагите од стореното кривично дело, пријавениот изработувал фалсификувани потврди за наводно извршени уплати преку апликацијата Е-pay, кои им ги предавал на студентите како доказ за извршена уплата. За нивната изработка искористил податоци, вклучително и QR-код, од автентична потврда за извршена уплата преку Е-pay со банкарска картичка на неговата сестра, по што со измена на податоците за уплаќачот, износот и датумот на уплата ја преправал потврдата и така фалсификуваните потврди им ги доставувал на студентите. Студентите, верувајќи дека уплатата е извршена, ги прикачувале потврдите во електронскиот систем и истовремено ги доставувале до студентската служба како доказ за извршена уплата“,
соопштија од Управата за финансиска полиција.
