Екипата на „360 степени“ попладнево забележа раздвиженост во гостиварската болница. Само денеска, на Инфективното одделение, помош побарале околу 80 лица
По епидемијата која 3-4 дена трае во Гостивар, а за која помош побарале над 1 000 пациенти, „360 степени“ влезе во гостиварската болница.
Симтомите, како дијареа и повраќање – се тешки, велат пациентите, и бараат одговори што точно се случило.
Дел од нив, откако почувствувале тегоби, престанале да пијат вода од градскиот водовод.
„Интензивно имам симптоми три дена. Имам пролив и повраќање. Денеска дојдов во болница и не ми кажаа кога ќе ме пуштат. Зборуваат за водата, ама јас немам поим за тоа. Престанав да пијам вода од водовод, пијам купечка, ама во 11 часот денеска ми беше тешко и морав да дојдам, да барам излез. Денеска дојдов првпат во болница“,
вели Халим Муслиу од гостиварско Чајле.
„Вчера почнаа повеќе. Двајцата синови имаат пролив. Викаат дека е од вода, ама не знам точно. Другите дома немаме симптоми, само децата“,
кажа друг граѓанин.
„Сопругата ја донесовме на доктор да се прегледа, да видиме. Се сомневаме дека ѝ е од водата. Со исти симптоми се детето, девојчето, бабата. Ова трае 3-4 дена. Се сомневаме дека водата е многу загадена, навистина не е технички исправна водата, затоа идат овие болести“,
посочи уште еден гостиварец.
Екипата на „360 степени“ попладнево забележа раздвиженост во болницата. Само денеска, на Инфективното одделение, помош побарале околу 80 лица.
Претходно, болницата соопшти дека поголемиот број од пациентите кои изминативе денови барале медицинска помош се со исти симптоми како повраќање, дијареја, болки во желудникот, температура, омалаксаност итн. Уверуваат дека го зајакнале медицинскиот персонал во одделенијата каде што има голем број пациенти.
Истовремено, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека е сериозно загадена и небезбедна за здравјето на граѓаните.
Од Секторот за внатрешни Тетово денеска соопштија дека постојат основи на сомневање дека активности на Јавното претпријатие „Водовод“ и на Општина Гостивар довеле до загрозување на здравјето на граѓаните на градот. За да го зајакнат притисокот во градската водоводна мрежа, незаконски поставиле пумпи во корито на истечни отпадни води кои потоа навлегле во системот кој го напојува градот.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска кажа дека Обвинителството постапува, но дека е рано за правна квалификација на случајот.
