Според неа, сојузништвото со Германија придонесува за изградба на отпорен, модерен и интероперабилоен одбранбен систем, како и за понатамошно јакнење на капацитетите на македонската Армија
Генералот Бројер, пак, ја оцени македонската Армија како кредибилен и доверлив сојузник, истакнувајќи дека нејзините припадници рамноправно со војниците од другите земји-членки на Алијансата учествуваат во заеднички мисии, вежби и активности
Македонско-германската соработка во рамки на НАТО има значајна улога во зајакнување на регионалната стабилност и безбедност, е заклучокот од денешната средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и началникот на вооружените сили на Сојузна Република Германија, генерал Карстен Бројер, кој е во дводневна посета на земјава.

Како што соопштија од кабинетот на претседателката, таа за време на состанокот посочила дека посетата на генералот Бројер е уште една потврда за посветеноста на Алијансата кон стабилноста во регионот.
Според неа, сојузништвото со Германија придонесува за изградба на отпорен, модерен и интероперабилоен одбранбен систем, како и за понатамошно јакнење на капацитетите на македонската Армија.
„За генералот Бројер, дводневната посета е одлична можност, покрај разговорите со припадниците на Армијата, да оствари средби и со државниот врв, во функција на јакнење на единството во Алијансата и унапредување на германско-македонските односи“,
се вели во соопштението за средбата.
Генералот Бројер, пак, ја оцени македонската Армија како кредибилен и доверлив сојузник, истакнувајќи дека нејзините припадници рамноправно со војниците од другите земји-членки на Алијансата учествуваат во заеднички мисии, вежби и активности.
На средбата е посочено и дека С Македонија и Германија располагаат со значителен потенцијал за понатамошно продлабочување на економските, образовните и културните односи.

За македонската дијапора во Германија, Сиљановска-Давкова рече дека претставува важен мост во развојот на билатералните односи.
„Таа ја поздрави континуираната германска поддршка за спроведувањето на реформските процеси и реализаицјата на инфраструктурните проекти во државата“,
велат од нејзиниот кабинет.
Со Бројер денеска имаа средба премиерот Христијан Мицкоски и министерот за одбрана Владо Мисајловски, на која е разговарано за унапредување на билатералната одбранбена соработка, зајакнување на партнерството во рамките на НАТО и за актуелните безбедносни предизвици во Европа.

Како што објави Мицкоски на својот фејсбук-профил, со средбата е потврдена заедничката определба за натамошно продлабочување на соработката преку размена на искуства, заеднички активности и развој на капацитетите на вооружените сили.
„Разговаравме за понатамошното унапредување на билатералната одбранбена соработка, зајакнувањето на партнерството во рамките на НАТО, како и за актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува Европа. Заеднички ја потврдивме определбата за продлабочување на соработката преку размена на искуства, заеднички активности и натамошен развој на капацитетите на вооружените сили, со цел јакнење на регионалната и евроатлантската безбедност“,
напиша премиерот на Фејсбук.
Началникот на Генералштабот на Германија денеска имаше заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Посочи дека со оглед на тоа што последната посета на началник на германскиот Генералштаб на земјава била пред две децении, одлучил да дојде за лично да се запознае со развојот на билатералната соработка.
