„Тоа што Македонија нема да го заокружи процесот со исполнети десет од десет обврски и зошто нема да ги земе тие 4,2 милиони евра, коишто доаѓаа со исполнувањето на оваа обврска, има име и презиме, тоа е коалицијата ДУИ, СДСМ и Левица“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција
Со недонесувањето на Изборниот законик опозициските партии не ја оштетија само дијаспората, туку и граѓаните кои живеат во државата, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција и потсети дека денеска (15 јули) е последниот рок до кога парламентот требаше да ја усвои изборната реформа.

Стојаноски рече дека додека тој ја држи прес-конференцијата, во Собранието започнува пленарната седница со 24 точки на дневен ред, но не и онаа за измените на Изборниот законик, со што, како што кажа, станува јасно дека обврската на земјава кон ЕУ, да ги усвои измените, нема да биде исполнета.
Според пратеникот, опозицијата со своето однесување не само што ја оштетила дијаспората и граѓаните во државата, дополнително покажала дека својот партиски интерес го ставаат пред изјавите на еврокомесарката за проширување Марта Кос и шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, кои рекоа дека донесувањето на измените на Изборниот законик е дел од пакетот обврски на земјава од Реформската агенда.
„Четири месеци преговарање во рамки на Министерството за правда, средби во Собранието, отворена понуда од владиното мнозинство кон опозицијата и повторно, опозицијата не смогна сили да седне, да го договори Изборниот законик, онака како што ним им одговара и да го поднесеме во Собранието, за да може денес да го усвоиме. Оваа коалиција не ја оштети само дијаспората, ги оштети и граѓаните кои живеат во нашата држава, но покажа и дека изјавите на Кос и Рокас, коишто се европски претставници, не значат ништо пред нивниот политички интерес“,
рече Стојаноски.
Пратеникот, во тој контекст, ги обвини опозициските партии дека прават театар за јавноста и свесно го блокираат Изборниот законик, со цел тоа да им послужи како алиби за наредниот изборен пораз.
Стојаноски посочи дека иако кажале, опозициските партии не се сретнале ниту еднаш за да изградат заедничка позиција за Изборниот законик и да ја достават до ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер и премиер Христијан Мицкоски во повеќе наврати кажа дека ќе го прифати секое нивно барање, но само доколку во законот се внесе нов начин на гласање на дијаспората, кој би се вршел електронски или по пошта.
„Тоа директно оди на штета на она што беше и нашиот интерес, тоа што го укажуваа и дипломатите од Европската Унија, конкретно амбасадорот Рокас и комесарката Кос. Сето ова што се направи, се направи само за да не гласа дијаспората, како што тие ги нарекуваат, ‘антидржавниот елемент’, и оваа одговорност, зошто Македонија нема да ги исполни обврските, коишто се десет на број, и нема да го заокружи процесот со исполнети десет од десет обврски и зошто нема да ги земе тие 4,2 милиони евра, коишто доаѓаа со исполнувањето на оваа обврска, има име и презиме, тоа е коалицијата ДУИ, СДСМ и Левица“,
рече Стојаноски.
Тој наведе дека целта на донесувањето на измените на овој закон не била само за да ги детерминира и реорганизира изборните процеси во Македонија, туку со усвојувањето граѓаните на државата ќе добиеја 4,2 милиони евра, средства кои требаше да се искористат за подобрување на условите за живот во Македонија.
„Покрај тоа што нема да имаме подобрување на изборниот модел, граѓаните ќе останат без 4,2 милиони евра. Кога ќе поднесуваат амандмани за подобрување на некои животни услови, треба да знаат кои се одговорни зошто 4,2 милиони евра нема да легнат во државниот буџет и да бидат искористени за проекти и за подобрување на животните услови на граѓаните“,
рече пратеникот.

Тој најави дека и во наредниот период ќе продолжат да разговараат за ова прашање и дека ќе им остават можност на опозициските партии да се договорат, но она, според Стојаноски, е проблем е што тие не сакаат да се договорат поради партиски интереси поврзани со следните избори.
„Секако дека останува простор за разговори во наредниот период. Но, јас не знам што повеќе од ова можеме да направиме бидејќи сите услови што тие ги имаа ние ги прифативме. Останува уште еднаш да им дадеме можност да се договараат како што нема да се договорат бидејќи не сакаат да се договорат, затоа што за две години ќе има избори и на нив им е потребно алиби“,
рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Сарај изјави дека не е оптимист на денот кога истекува дополнителниот рок ќе се постигне договор и консензус за Изборниот законик. И тој повтори дека владејачката коалиција понудила опција – опозицијата заедно да договори предлог-измени, а власта „бланко“ да ги поддржи, со единствен услов – гласањето на дијаспората да биде вклучено. Премиерот уште една ги повика политичките актери од опозицијата да покажат зрелост и да се договорат.
Во врска со реакцијата на СДСМ, од каде што посочија дека ЕУ не бара промена на Изборниот законик, туку кредибилни избори, премиерот ги повика социјалдемократите ако не му веруваат нему, нека ги слушнат изјавите на еврокомесраката Марта Кос, која кажа дека станува збор за реформа важна за евроинтеграцијата на земјава.
Инаку, Левица која иницира координативна средба во Собранието што требаше да се одржи во понеделникот, денеска повторно го обвини СДСМ дека има таен договор со ВМРО-ДПМНЕ да не поддржи опозициско обединување за една изборна единица. Од Бихаќска возвратија со идентичен наратив, обвинувајќи ја Левица дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ.
