Опозиционерите обвинија дека судството и обвинителството во изминатите две години се под целосна контрола на премиерот, кој, како што велат, јавно дава задачи од собраниската говорница, преку медиуми и преку телефон
Ослободувањето на Никола Груевски во „Талир 2“ не е изненадување, туку уште еден доказ дека правосудството во Македонија е под директна контрола на Христијан Мицкоски и неговата организирана криминална група ВМРО.

Вака од опозицискиот СДСМ ја коментираат вчерашната ослободителна пресуда за експремиерот Никола Груевски што Основниот кривичен суд Скопје ја изрече за случајот „Талир 2“, кој се однесува на противправното финансирање и изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
„Груевски не е ослободен затоа што е невин, туку затоа што Христијан Мицкоски го заштити својот ментор“,
коментираат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија дека судството и обвинителството во изминатите две години се под целосна контрола на премиерот, кој, како што велат, јавно дава задачи од собраниската говорница, преку медиуми и преку телефон.
„Таканареченото ‘независно’ обвинителство постојано постапува според политичките налози од Белата палата. Кога Мицкоски сака некој да биде заштитен, тој е заштитен. Кога сака некој да биде гонет, тој е гонет. Вчерашната одлука за Груевски е уште една потврда за тоа. Никола Груевски со години е бегалец во Унгарија, под заштита на Виктор Орбан. Денес, благодарение на Христијан Мицкоски, тој добива и судска заштита во Македонија. Сè што Мицкоски правеше изминатиот период, од одбивање да ги испрати документите за екстрадиција, до јавните пораки и притисоци врз институциите, беше насочено кон заштита на својот политички татко и ментор“,
велат од СДСМ.
Основниот кривичен суд Скопје вчера донесе ослободителна пресуда за експремиерот Никола Груевски за предметот „Талир 2“ за противправното финансирање и изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Судијката Даниела Алексовска во образложението за пресудата рече дека ослободителната пресуда е исклучиво резултат на измените на Кривичниот законик од 2023 година.
Со пресудата, која е неправосилна, Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а сите трошоци за судската постапка ќе паднат на товар на Буџетот на Македонија.
Коментирајќи ја пресудата, премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека за партијата, пресудата е во согласнсот со правдата, а вп однос на ослободителната пресуда за експремиерот Груевски, посочи дека тоа е директна последица на измените на Кривичниот законик.
