Револуционерната гарда на Иран соопшти дека во базата „Џуфер“, недалеку од главниот град Манама, биле цел на напади врз складиште за оружје, центар за сателитски комуникации и зграда во која се сместени американските сили

Сирените за воздушна тревога во Бахреин изминатата ноќ се огласиле во три наврати, поради иранските одмазднички напади на новите американски удари врз цели на иранска територија.
Властите во Бахреин, каде што е стационирана Петтата флота на американската морнарица, преку објава на Икс ги повикаа граѓаните да се засолнат во најблиските засолништа. Засега нема информации за евентуална материјална штета или жртви предизвикани од иранските напади.
The siren has been sounded. Citizens and residents are urged to remain calm and head to the nearest safe place.
— Ministry of Interior (@moi_bahrain) July 14, 2026
Иран потврди дека во текот на ноќта повеќепати го нападнал Бахреин и оти цел на нападите биле повеќе објекти и делови од американската воена инфраструктура во голем воен комплекс.
Револуционерната гарда на Иран соопшти дека во базата „Џуфер“, недалеку од главниот град Манама, биле цел на напади врз складиште за оружје, центар за сателитски комуникации и зграда во која се сместени американските сили.
Во меѓувреме, властите во Јордан, кој е домаќин на голем број американски сили и авиони, објавија дека нивната противвоздушна одбрана пресретнала четири ирански ракети во јорданскиот воздушен простор, пренесуваат светските агенции.
Во соопштение на Исламската револуционерна гарда се наведува дека цел на нападите била американска база во Јордан.
Инаку, Централната команда на САД ноќеска изврши нови напади на Иран кои траеле пет часа и биле насочени кон воени цели.
Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати соопштија дека ирански крстосувачки ракети погодиле два танкери за нафта од Емиратите додека транзитирале во територијалните води на Оман, при што загинал еден член на екипажот, а осуммина биле повредени.
Иранската револуционерна гарда ја презеде одговорноста за нападот врз танкерите, велејќи дека бродовите „ги игнорирале повторените предупредувања“.
