Портпаролката на опозициската партија Богданка Кузеска вели оти платата на братот на Гувернерот на Народната банка била двојно зголемена уште во март 2025 година, а единствен критериум за оваа позиција во М-НАВ била неговата партиска и роднинска врска
Наместо сервис за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ги претворија институциите во приватна партиска фирма за вдомување на роднини, блиски и партиски кадри, рече на прес-конференцијата во партиското седиште портпаролката на опозициската СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа вели оти согласно информациите со кои располагаат, Управниот одбор на Акционерското друштво за воздухопловна навигација незаконски го унапредил Сашо Славески, брат на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески од работно место обезбедувач на имот на позицијата помошник за обука и координација во Одделение за воздухопловни информации – AIS и член на Управниот одбор.
Кузеска рече оти е скандалозно што унапредувањето се случило во тајност во март 2025 година, а јавноста дознала пред само неколку денови откако членовите на Управниот одбор кои го спровеле незаконскиот акт добиле кривични пријави. Со оваа одлука вели, платата на Сашо Славески била двојно зголемена, од 50 000 денари на околу 100 000 денари, со што за 14 месеци незаконски биле исплатени над 7 000 евра на директна штета на буџетот на М-НАВ.
„Само во ВМРО човек кој работел како чувар во М-НАВ станува член на Управниот одбор на институција задолжена за безбедноста на македонското небо. Нема ситем, нема критериуми е избран, квалификации, искуство. Ништо. Единствениот критериум е тоа што е брат на Трајко Славевски и близок до ВМРО. Така М-НАВ наместо за безбедност на македонското небо е претворено во партиски комитет на ВМРО“,
кажа Кузеска.
Од СДСМ обвинуваат оти владејачката партија е симбол на непотизам, партизирани вработувања и злоупотреба на институциите и оти ваквите примери се главната причина поради која младите масовно се селат од Македонија, соочени со реалноста оти нивното знаење не се цени и оти системот функционира исклучиво за партиски подобните луѓе.
„Затоа ВМРО не сака во Европската Унија – затоа што тоа значи владеење на правото, професионални институции и мерит-систем“,
заклучи таа.
