Повика и на нов пристап на Европската Унија кон земјите кандидати, посочувајќи дека тие треба да бидат вклучени во политичкото одлучување на Унијата и пред да станат полноправни членки
Албанците во целиот регион, како што оцени, сега се во подобра положба од кој било претходен период во нивната историја, упатувајќи им порака да ги зачуваат овие придобивки и да избегнуваат националистичка реторика
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија, доколку во иднина стане членка на Европската Унија, нема да го користи правото на вето против Северна Македонија во нејзиниот процес на европска интеграција, оценувајќи дека тоа го поткопува процесот на проширување.
Ова тој го изјави, како што пренесува Албанската новинска агенција (АТА), пред учесниците на младинскиот камп „РинKамп 2026“ што се одржа во туристичко место Јал, а одговарајќи на прашање на студент од Скопје дали Албанија би стабила вето на европскиот пат на С Македонија поради прашања поврзани со правата на Албанците во земјата.

Според него, Албанија нема таква намера и дека има интерес Северна Македонија да напредува кон членство во ЕУ.
„Албанија нема да наметне вето никому и никаде. Албанија има целосен интерес работите во Северна Македонија да се одвиваат што е можно подобро и односите меѓу Албанците и Македонците да бидат братски односи и да имаат хармоничен соживот. Постигнат е голем напредок. Демократијата не е прошетка по асфалтиран булевар, туку е пат што има кривини и пресврти. Има подеми и падови, има моменти на тешкотии, но што се однесува до нас, ние го сакаме најдоброто за Република Северна Македонија“,
рече тој пред младите улесници на кампот.
Веќе подолго време, како што рече, се залага за поинаков пристап на Европската Унија кон земјите кандидати, оценувајќи дека ветото во евроинтегративниот процес не му служи никому.
„Тоа се заложнички и во суштина неконструктивни процеси што не се корисни за приближување на земјите кон ЕУ. Блокирање на преговорите не е европски пристап“,
кажа Рама.
Според него, земјите кандидати во ЕУ треба да бидат вклучени во политичкото одлучување на Унијата и пред да станат полноправни членки.
„Верувам дека земјите што се уште не се членки треба да седнат на масата на Европската Унија. Политички, Европа треба да се обедини сега, а потоа секоја земја да ги исполни своите обврски“,
додаде албанскиот премиер.
Албанците во целиот регион, како што оцени, сега се во подобра положба од кој било претходен период во нивната историја, упатувајќи им порака да ги зачуваат овие придобивки и да избегнуваат националистичка реторика.
„Албанците денес се во подобра состојба отколку кога било во нивната историја. Овие достигнувања мора да се заштитат“,
кажа тој.
