Кога имате прекин на огнот, а Иран во основа го крши прекинот на огнот – видовме што се случи вчера со нападот на бродови, мислам дека е апсолутно клучно САД енергично да реагираат, смета генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вели дека последните напади на САД врз Иран биле апсолутно неопходни, обвинувајќи го Иран за кршење на договорот за прекин на огнот.
„Кога имате прекин на огнот, а Иран во основа го крши прекинот на огнот – видовме што се случи вчера со нападот на бродови, мислам дека е апсолутно клучно САД енергично да реагираат“,
рече Руте во одговор на новинарско прашање на Самитот на НАТО во Анкара.
Тој посочи дека нуклеарната програма на Иран ќе биде на дневен ред на денешната главна сесија на НАТО.
„Очекувам сојузниците денес повторно да потврдат дека Иран никогаш не треба да се здобие со нуклеарен капацитет“,
рече Руте.
Тој додаде дека целосното отворање на Ормускиот Теснец е клучно за сите сојузници.
Претседателот на САД, кој исто така учествува на Самитот на НАТО, за медиумите изјави дека примирјето меѓу САД и Иран е завршено, нарекувајќи ги иранските лидери ѓубриња, лажговци и болни луѓе. Тој вели дека преговорите со Иран би можеле да продолжат, но, според него, тоа е само губење време.
Претходно, САД соопштија дека нападнале 80 ирански цели, по нападите врз три нафтени танкери во Ормускиот Теснец. Како одговор, Иран соопшти дека ги таргетирал американските бази во Бахреин и Кувајт.
