Активно придонесувавме и потпишавме една драфт-верзија и сега се бара консензус, над консензусот што веќе го имаме и како документ доставен во Собраниието. Затоа мислам дека ова е крај на преговорите и ќе се оди со стариот Изборен законик, рече пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари

Со жалење ве информирам дека денешните разговори за усвојување на измените на Изборниот законик не успеаја, кажа на прес-конференција денеска пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари.
Таа вели дека преговорите не пропаднале по вина на сите, туку поради, како што рече таа, повлекувањето на одредени политички партии од ставовите за кои претходно бил постигнат договор.
„Усогласениот предлог беше доставен во Собранието, а ДУИ го потпиша токму во форма што беше договорена во рамките на работната група. По доставувањето на предлогот во Собранието ВМРО-ДПМНЕ се повлече од две суштински точки на договорот – прво, од електронското гласање на дијаспората, барајќи гласањето да се одвива преку пошта и второ од договорот – подзаконските акти на Државната изборна комисија што се однесуваат на електронското гласање на дијаспората да се донесуваат со консензус, барајќи тие да се усвојуваат со мнозинство гласови. За нас ова е неприфатливо, бидејќи отвора простор за политички инженеринг и надгласување, како што се случи во 2024 година кога членката на ДИК, Дитмире Шеху, беше нагласувана од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Влен“,
кажа Ајдари.
Таа вели дека секое изменување и дополнување на Изборниот законик мора да биде усвоено со меѓуетнички и меѓупартиски консензус.
„Ова не е само прашање на процедура, туку гаранција за довербата во изборниот процес и за неговиот демократски легитимитет. Воедно, остануваме цврсто на ставот дека на државата ѝ е потребна една изборна единица, но со отворена листа за пратеници и со изборен праг од 5 проценти од вкуниот број избирачи запишани во Избирачкиот список“,
посочи Ајдари.
Пратеничката посочи дека ДУИ со месеци активно и конструктивно учествувале во работната група за Изборниот законик. Сепак, велат дека нема да прифатат еднострани решенија, што, како што додаваат, ја нарушуваат политичката еднаквост, правичната застапеност и довербата во изборниот процес.
„Активно придонесувавме и потпишавме една драфт-верзија и сега се бара консензус, над консензусот што веќе го имаме и како документ доставен во Собраниието. Затоа мислам дека ова е крај на преговорите и ќе се оди со стариот Изборен законик“,
рече Ајдари.
