Едно од прашањата до кандидатот за министер за здравство и досегашен директор на ФЗО беше зошто оди „од коњ на магаре“, на што тој одговори: „Тоа е така кога ги гледате нештата исклучиво низ призма на парите. Во основа, работата во здравството бара една синергија на политиката и на финансиите“

Одлуката на премиерот Христијан Мицкоски, одговорноста за двете клучни позиции во здравството – министерската и директорската во Фондот, да биде кај ВМРО-ДПМНЕ, е многу важна – вели во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 кандидатот за министер за здравство Сашо Клековски. Според него, за вистински резултати во здравството, неопходна е синергија меѓу Министерството и Фондот. На прашањето дали досега постоела, Клековски вели – да, но сите немаат исто разбирање на приоритетите.
„Бидејќи, во основа имате едно растурање на функциите – имате министер од една партија, заменик од втора партија, директор на МАЛМЕД од трета партија, државен секретар од четврта партија, директор на Фонд од петта партија, која не секогаш дава една усогласена слика. Нормално, ние сме дел од истата Влада и се координираме, меѓутоа секако има и лична перспектива на работите“,
вели Клековски.
Во однос на мотивите тој да ја преземе министерската позиција во здравството, Клековски вели дека ги исцрпил сите можности и постигнал максимум во раководењето со Фондот.
360°: Ако се видат буџетите, Фондот, сега по ребалансот, ќе надмине 900 милиони евра, а Министерството за здравство има буџет од околу 130 милиони евра. Зошто одите „од коњ на магаре“ во смисла на моќ и управување со пари?
Клековски: Тоа е така кога ги гледате нештата исклучиво низ призма на парите. Во основа, работата во здравството бара една синергија на политиката и на финансиите. Бара синергија на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Во основа, она што го работев овие две години во Фондот, ги исцрпив можностите што можам да направам на промена, позитивна промена во рамките на Фондот за здравствено осигурување.
На прашањето како ги коментира тезите дека ВМРО-ДПМНЕ „намириса пари“ во здравството по најавите за голем инвестицисиски циклус со болниците во Штип, Тетово и Кичево, па посака контрола над ресорот, Клековски вели:
„900 милиони секако се повеќе од 200-300 милиони. Јас не гледам таква одлука, бидејќи секако преговорите со Велика Британија и со странските кредитори ги водат, ги водеа досега други ресори. Знаете дека е активно вклучено Министерството за транспорт и секако политиките се одлучуваат на ниво на Влада. Мислам дека е јасна определбата на премиерот и на ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе одговорноста, целосната одговорност во здравство со двата клучни ресори во здравство – тоа е министерската позиција и директорската позиција во Фондот, и да се обврзе на испорака целосна на тоа што е ветено“.
За болниците за кои првично беше најавено дека ќе се градат со кредит со гаранција од Велика Британија, а сега премиерот најавува можно излегување од британската гарантна рамка, Клековски вели дека се разгледуваат повеќе понуди пред да се избере најповолната.

Клековски: Тоа го знам од искуството од она што го работам во Фондот. Доколку нема конкуренција, не можете да споредувате. Кога ќе се јави конкуренција, секоја следна понуда е пониска, зашто нема никој да се јави со повисока понуда. Значи, во дадениот момент британскиот кредит сум сигурен дека е најповолната опција. Откако тој се појави како опција, други меѓународни институции како ЕБОР, Светска банка, тоа што треба да го понудат е пониско од тоа што го имаме, бидејќи нема логика да разговараме ние за повисоки понуди.
360°: Во буџетот за оваа година има симболични ставки за овие проекти, што значи дека оваа година нема ништо да мрдне на тој план?
Клековски: Видете, сите сериозни кредитори ќе поминат низ неколку фази. Ќе мора да има повторена физибилити студија, бидејќи тие објекти се започнати многу одамна и состојбите се променети. После физибилити, паралелно ќе се разговара за проектирањето таму каде што нема проекти и условите, така што ќе претстои доста обемна работа.
На прашањето зошто за оваа влада не е приоритет изградба на нов клинички центар во Скопје бидејќи сега сè функционира во супстандардни услови, Клековски вели дека приоритет е реструктуирањето на заедничките служби во рамки на комплексот клиники „Мајка Тереза“. За каква било реорганизација, дислокација на националната клиничка установа не можеме да зборуваме ако не постои здрава заедничка служба која ќе обезбеди информатичка, техничка и секаква друга поддршка на здравствениот дел, посочува Клековски и додава дека остануваат заложбите за единствен клинички центар.
„Мислам дека во дискусиите доминира ставот за постепена интеграција на сродните дејности. И првиот чекор се направи со интеграцијата на Клиниката за кардиологија и Клиника за државна кардиохирургија во еден национален центар за срце. Ние ќе ги дискутираме следните фази каде што исто така ќе има интеграција на сродни гранки за, чекор по чекор, да го направиме тоа окрупнување. Крајната цел е да има еден функционален, ефективен Клинички центар, национален Клинички центар со соодветни заеднички функции“,
вели Клековски.
