Законот сам по себе е добар. ОДИХР и Европската комисија дадоа позитивна оценка, но она што преостана во моментов се модалитетите. Јас разбирам дека има несогласувањата кога станува збор за овие модалитети, но чувствувам дека има добра волја тоа да се надмине“, рече евроамбасадорот Рокас одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на воена опрема во касарната „Илинден“.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, денеска изјави дека Изборниот законик, кој е во собраниска процедура, добил позитивни оценки од Европската комисија (ЕК) и од ОДИХР, но за негово донесување е потребен консензус меѓу политичките партии во парламентот.

Во моментов одвиваат дискусии меѓу партиите за одредени модалитети поврзани со измените на законот, рече амбасадорот и додаде оти чувствува дека има добра волја да се надминат несогласувањата кои се појавија меѓу власта и опозицијата за дел од решенијата. Главна тема, за која се отвори бездна меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициските СДСМ и Левица, е гласањето на дијаспората. Од носечката партија во Владата инсистираат дијаспората од 2029 година да може да гласа електронски на избори, додека од опозициските партии тоа го сметаат како поплочување на патот за изборни злоупотреби.
„Како што знаете, сè уште има дискусии меѓу политичките партии околу Изборниот законик, кои се одвиваат во моментот, потребно е да се постигне консензус. Законот сам по себе е добар. ОДИХР и Европската комисија дадоа позитивна оценка, но она што преостана во моментов се модалитетите. Јас разбирам дека има несогласувањата кога станува збор за овие модалитети, но чувствувам дека има добра волја тоа да се надмине“,
рече евроамбасадорот Рокас одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на воена опрема во касарната „Илинден“.
Евроамбасадорот нагласи дека Изборниот законик е пред комисиска расправа во парламентот и се работи на него и оти се надева дека партиите ќе успеат да седнат и да постигнат консензус за една така важна и сензитивна работа.
„Меѓутоа, основите на законот и законот сам по себе се навистина добри“,
повтори Рокас.
За Реформската агенда, евроамбасадорот рече дека се фокусирани на 10. клучни чекори од грејс-периодот за кои рокот истече на 30 јуни. Рече оти е убеден дека поголемиот дел од работата е завршена и дека ќе имаме, како што кажа, извонредни резултати.
„Како што знаете, тие ќе бидат доставени во следните 10 дена до Европската комисија (ЕК), на последна проценка и крајната одлука се носи некаде во септември. Но ова е навистина еден добар успех, затоа што тоа што нема да биде направено по истекот на рокот значи дека средствата ќе бидат изгубени. Но, имаме добар напредок. Јас сум сигурен дека имаме забрзување во реформите, меѓутоа во секој случај треба да ги почекаме конечните резултати и проценките на Европската комисија по летниот распуст“,
рече евроамбасадорот.
Прашан колку од тие 10 чекори од грејс-периодот се исполнети, Рокас рече дека работат тоа да бидат девет или девет и половина.
„Тоа ќе биде проценка, не можам да кажам сега, но ние работиме со цел да постигне девет, девет и половина, но во секој случај убеден сум дека ќе имаме добри резултати, но мора да разберете дека проценката всушност се прави од Европската комисија“,
наведе тој.
