Во нападите се погодени станбени згради, а пожар е предизвикан и во хотел на централниот булевар во Киев. Неколку населби се евакуирани. Повредени се триесетина лица
Најмалку осум лица загинаа, а триесетина се повредени во голем напад што руските сили со беспилотни летала и ракети го извршија врз украинскиот главен град Киев во текот на ноќта. Во нападите се погодени станбени згради, а пожар е предизвикан и во хотел на централниот булевар во Киев. Неколку населби се евакуирани.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера ја прекина својата посета на Даблин, откако изјави дека постојат разузнавачки информации кои сугерираат дека Москва планира да ја нападне Украина и дека рускиот претседател Владимир Путин веќе извесно време го подготвува овој масовен напад.
„Бидете особено внимателни, заштитете се себеси, своите деца и, секако, своите семејства“,
им порача тој на Украинците.
Началникот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, изјави дека во нападите се убиени најмалку осум лица, а оштетени се околу триесетина локации во градот. Помеѓу жртвите има и деца.
„Непријателот повторно намерно ги таргетира станбените области и убива цивили. Имаме многу сериозни оштетувања и значителен број жртви, вклучувајќи деца“,
изјави тој рано утринава.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, рече дека за нападите, кои ги нарече тешки воени злосторства, се информирани сите меѓународни партнери и организации.
„Бараме силен меѓународен одговор. Не само зборови на осуда, туку конкретни акции за запирање на рускиот терор. Одлуките за системите за воздушна одбрана и ракетите за Украина се потребни веднаш, а не подоцна! Одлуките за зголемување на притисокот од санкциите врз Русија се потребни веднаш, а не подоцна! Одлуките за зголемување на поддршката за Украина, вклучително и енергетската помош, се потребни веднаш, а не подоцна!“,
порача Сибиха.
Do not delay decisions on air defense for Ukraine! This is our main request to our partners after Kyiv suffered a night of horror.
— Andrii Sybiha 🇺🇦 (@andrii_sybiha) July 2, 2026
At least 10 people have been killed as a result of Russia’s brutal attack against the Ukrainian capital with all types of missiles and drones.… pic.twitter.com/7KNONiPvom
Ова е првиот голем напад со ракети и беспилотни летала од страна на Русија врз Украина за повеќе од две недели.
Министерството за одбрана на Русија тврди дека се извршени напади врз украинските воено-индустриски објекти, енергетската инфраструктура и инфраструктурата на воените аеродроми во Киев и околината како одговор на нападите врз цивилни објекти.
