За да се спречат евентуални злоупотреби, Алиу појасни дека се зајакнати заштитните механизми. Секој поединечен случај ќе биде предмет на проценка од страна на Етичка комисија, која ќе ја утврдува доброволноста на одлуката и ќе гарантира дека нема притисок, манипулација или трговија со органи

Со 58 гласа „за“ и шест „против“ Собранието, по скратена постапка го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување. Со новите законски измени се воведуваат реформи кои се однесуваат на проширување на кругот на живи дарители.
Министерот за здравство Азир Алиу, образложувајќи го законот пред пратениците, истакна дека ова решение има огромно значење. Тој нагласи дека трансплантацијата не треба да се гледа само како медицинска процедура, туку како чин кој носи живот, надеж и можност за хуманост по смртта.
„Измените кои денеска ги предлагаме не се само правни и административни, туку се една порака дека нашиот здравствен систем се гради врз достоинството на човекот, солидарноста и почитувањето на личната волја“,
изјави министерот Алиу.
Со новиот закон, рече тој, првично се проширува кругот на можни живи дарители на органи, при што се вклучуваат и сродниците до четврто колено. За да се спречат евентуални злоупотреби, Алиу појасни дека се зајакнати заштитните механизми. Секој поединечен случај ќе биде предмет на проценка од страна на Етичка комисија, која ќе ја утврдува доброволноста на одлуката и ќе гарантира дека нема притисок, манипулација или трговија со органи.
Втората и најзначајна промена е воведувањето на јасна и лична изјава на секој граѓанин за дарување на органи по неговата смрт, со што се напушта досегашниот модел на претпоставена согласност.
„Од сега државата нема да претпоставува, туку граѓанинот сам ќе одлучи и ќе може да каже ‘да, сакам по мојата смрт да помогнам некој друг да живее’ или ‘не, тоа не е мој избор’. Тоа е највисокиот степен на почитување на човечкото достоинство и личната автономија на нашите граѓани“,
додаде Алиу.
За време на расправата во Собранието, пратеникот Илир Хасани од ДУИ потенцира дека иако законот е исклучително важен и треба да се поддржи, предложената форма на изјава за согласност отвора ризици околу увидот во личните податоци.
„Мислам дека требаше да се создаде терен за поддршка на овој закон. Јас како Илир не се чувствувам сигурен моето име да го има на некоја листа за можна трансплантација, бидејќи, хипотетички, би бил таргет и можност некој мене да ме искористи за давање или земање органи. За жал, во оваа форма како што е напишан овој закон, јас нема да дадам поддршка“,
истакна Хасани во своето обраќање.
Инаку, претходните денови на јавна панел-дискусија во Гостивар посветена на органодарителството, министерот за здравство Азир Алиу рече дека ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител по воведувањето на системот.
Темата за органодарителство, порача министерот на панел-дискусијата, не смее да биде тема за која првпат се разговара во болнички ходник и во мигови исполнети со трагедија, туку треба отворено и без предрасуди да се разговара дома, во семејствата, во училиштата, на факултетите, меѓу лекарите и пациентите.
