На гласањето му претходеше расправа на која пратениците на Левица и СДСМ упатија критики на сметка на министерот за внатрешни работи, обвинувајќи дека за време на неговиот мандат се случиле многубројни скандали и безбедносни пропусти
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, застанаа во одбрана на Тошковски, оценувајќи дека актуелното раководство на МВР постигнало повисока ефикасност и придонело за намалување на криминалот споредено со претходната власт
Со 58 гласа „против“ и 19 „за“, пратениците на денешната седница не ја прифатија интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од опозициската Левица.

На гласањето му претходеше расправа на која подносителите на интерпелацијата, но и пратениците на опозицискиот СДСМ, упатија критики на сметка на министерот за внатрешни работи, обвинувајќи дека за време на неговиот мандат се случиле многубројни скандали и безбедносни пропусти. Обвинија за неефикасност, неажурност, тромавост и политизиранист на македонската полиција, а со тоа и на МВР, што, како што оценија, резултира со пораст на криминалот, убиства, афери и трагедии по непостапување во случаите на семејно насилство.
Опозиционерите порачаа дека по сите скандали и безбедносни пропусти во изминатите две години откако е на функцијата, министерот Панче Тошковски требало одамна да поднесе оставка.
Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, застанаа во одбрана на Тошковски, оценувајќи дека актуелното раководство на МВР постигнало повисока ефикасност, разбило повеќе криминални групи и придонело за намалување на повеќе видови криминал споредено со претходната власт. Прашаа кому му пречи што во државата има ред, што нема проблеми со патните исправи, што се разбиени 30 организирани криминални групи и што се запленети 300 отсто повеќе кокаин од она што било во време на СДСМ.
Ова е трета интерпелација за работата на Панче Тошковски поднесена откако тој е на функцијата министер за внатрешни работи. Две беа поднесени од Левица, а една од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Претходната интерпелација на Левица за работата на Тошковски на дневен ред во Собранието беше на 29 април и беше отфрлена со 72 гласа „против“, додека „за“ гласаа 20 пратеници.
