„Сметам дека имаме перспектива и нашите пријатели во меѓународните институции, во Европска комисија и челниците на поголемите држави во Европска Унија ни даваат знак дека процесот на проширување не е запрен, дека има волја за поддршка, нè поддржуваат на патот којшто ние го одиме заедно со нив“, вели првиот вицепремиер и министер за европски прашања

Министерот за европски прашања Беким Сали вели оти прашањето за внесување на Бугарите во Уставот не е тешка политичка одлука ниту, пак, е технички неизводлива со оглед на распоредот на пратениците во Собранието.
„360 степени“: Премиерот вели дека претходната влада направила национално предавство со тоа што го прифатила во 2022 година.
Беким Сали: Значи, во овој процес не би се навраќал на минатото. Затоа што трае повеќе од 25 години и е тежок процес за државата, за граѓаните, очекувањата се големи. Значи, не би се навраќал на изминатиот период, затоа што ако се навратиме ќе останеме. Сигурно има одлуки, изјави коишто биле на штета на државата итн. Меѓутоа, да гледаме перспективно во иднина, сметам дека имаме перспектива и нашите пријатели во меѓународните институции, во Европска комисија и челниците на поголемите држави во Европска Унија ни даваат знак дека процесот на проширување не е запрен, дека има волја за поддршка, не поддржуваат на патот којшто ние го одиме заедно со нив.
Прашан дали се согласува со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека граѓаните треба да се подготват за маратон на патот кон ЕУ, Сали вели дека е забележливо оти Македонија има посебен маратон во процесот на интеграции, а тоа се гледа преку Реформската агенда на која се работи интензивно.
„Ние мораме и овој дел да го завршиме, којшто морам да признам дека не е едноставен и лесен. Дури во техничкиот дел многу е покомплексен и потежок, затоа што треба сите институции да се адаптираат на целото ’аки’, на сите закони коишто владеат во Европска Унија. И тоа е процес во којшто сме вклучени повеќе институции“,
рече Сали.
Вицепремиерот и министер за европски прашања беше прашан и дали откако Украина и Молдавија ги отворија преговорите по кластери, Македонија и официјално остана во група со Косово и Босна и Херцеговина.
Беким Сали: Не сме во таа група, затоа што ние работиме интензивно да не бидеме во таа група и не сме во таа група.
„360 степени“: Статусно ако го гледаме пристапниот процес, ние сме земја кандидат со завршен скрининг без отворени кластери.
Беким Сали: Значи, динамиката со којашто работиме денес покажуваме дека не сме во таа група. Фронтранери ќе бидеме повторно со извештајот којшто ќе го поднесеме до 15 јули.
