Со грандиозна изведба на делото на Карл Орф под палката на маестро Најден Тодоров, оркестри и хорови од Македонија, Бугарија и Грција испратија порака за културно обединување на Балканот
Со голем музички спектакл вечерва во Градскиот парк во Скопје свечено се означи крајот на концертната сезона „Без Филтер“ на Филхармонијата. Публиката имаше можност да ужива во изведбата на „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф изведена од страна на повеќе од 200 уметници од земјава, Бугарија и Грција, збогатени со вокалите на хорот од Националната опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште во Солун.

Иницијатор на овој регионален проект, кој претходно настапи во Софија и Солун е бугарскиот маестро Најден Тодоров, кој вечерва диригираше со здружените ансамбли. Како солисти настапија македонската сопранистка Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов.

