Мицкоски истакна дека во интерес на процесот нема да коментира конкретни кадровски имиња, но потврди дека се разгледуваат секакви опции, вклучително и промена на ресори

Најдоцна до 1 јули се очекува списокот со новиот владин кабинет да се најде пред пратениците во Собранието, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој очекува процесот за реконструкција на Владата во првиот ешалон да се формализира до крајот на овој месец.
Мицкоски истакна дека во интерес на процесот нема да коментира конкретни кадровски имиња, но потврди дека се разгледуваат секакви опции, вклучително и промена на ресори.
„Атмосферата на средбата со Влен беше добра и пријатна. Денеска ќе разговараме отворено за сите добри страни, но и за слабостите и со ЗНАМ. Очекувам многу брзо да го затвориме овој прв дел од процесот и најдоцна до 1 јули списокот со новиот состав да се најде пред парламентарците“,
изјави Мицкоски.
Премиерот најави дека реконструкцијата нема да запре во министерските кабинети, туку во текот на летото ќе продолжи на локално ниво, каде што се скенира работата на директорите на јавните претпријатија и на подрачните единици.
„Имаме прилично голема бројка на директори на локално ниво. Повеќето добро си ја вршат работата и сме исклучително задоволни, но има и места каде што е потребно да се поправиме. Овој процес на реконструкција длабински и суштински ќе промени многу нешта заклучно со крајот на летото“,
рече тој.
Паралелно со овој процес, Мицкоски информира дека од втората половина на јули, па сè до крајот на септември ВМРО-ДПМНЕ ќе започне и теренски процес за ажурирање на постојното членство и ново зачленување во партијата.
Прашан околу информациите дека се разгледува опцијата министерот за здравство Азир Алиу да ја заземе вицепремиерската позиција на Арбен Фетаи, Мицкоски рече дека не би коментирал такви комбинаторики.
На новинарските прашања и шпекулации околу неговото евентуално заминување од извршната власт, министерот Фатмир Лимани одговори дека позициите не се вечни и дека одлуката за тимот е во рацете на мандатарот. Тој нагласи дека досега воопшто нема разговарано со премиерот на оваа тема.
„Ние знаеме дека и во Фудбалската федерација има селектор кој си ја прави екипата, а овде има мандатар кој го составува својот тим. Не сме на овие позиции за да бидеме товар на премиерот, туку да бидеме играчи кои ќе ја завршат работата во полза на народот. Дури и ако денес завршува мојот мандат, мислам дека повеќе треба да се насочиме кон тоа што сме направиле за доброто на државата, без разлика која е цената што треба да ја платиме“,
изјави Лимани.
И вчера од Владата не сакаа да соопштат детали околу кадровски измени велејќи дека разговорите во моментов се во рана фаза и претставуваат чувствителен процес кој бара сериозен и одговорен пристап.
Владините коалициски партнери Влен и ЗНАМ изминатиот период рекоа дека се подготвени за најавената реконструкција. Еден од копретседателите на Влен, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ рече дека владиното мнозинство е сериозно и нема некој сериозен проблем.
Од движењето ЗНАМ рекоа дека средбата со Мицкоски ќе побараат детали за точниот опфат на најавената реконструкција. Министерот за јавна администрација и кадар на ЗНАМ, Горан Минчев, вели дека при влезот во Владата пред две години, со ВМРО-ДПМНЕ бил направен договор за четиригодишна коалиција, потенцирајќи дека двете партии имаат идентични ставови по клучни прашања, вклучувајќи го и „ригидниот став против промена на Уставот.
Минчев вели и дека ЗНАМ веќе ја има заземено својата позиција за следниот изборен циклус. Партискиот став е дека на следните парламентарни избори ќе настапат самостојно без разлика дали тие ќе бидат редовни или предвремени.
