Оваа војна, вели Радев, веќе ги има надминато рововите, и е проширена надвор од економијата, енергетиката и се гледа во културата и спортот, а сега останува да се опфати и религијата

Бугарија е подготвена да стави вето на новиот пакет санкции на Европската Унија против Русија доколку од него не биде отстранет рускиот патријарх Кирил, изјави бугарскиот премиер Румен Радев пред новинарите во Брисел, каде што учествува на состанокот на Европскиот совет, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).
Иако темата за санкциите не е на агендата на тековниот состанок во Брисел и за неа ќе се одлучува во јули на Советот на министри за надворешни работи, Радев вели дека Бугарија веќе има искажано резерви за мерките што можат да и наштетат на нејзината економија.
На директно прашање дали Софија ќе искористи вето доколку рускиот патријарх остане на листата на санкционирани лица, премиерот одговори потврдно и порача дека времето на крстоносните војни е завршено. Оваа војна, вели Радев, веќе ги има надминато рововите, и е проширена надвор од економијата, енергетиката и се гледа во културата и спортот, а сега останува да се опфати и религијата.
„Воопшто не ми е гајле за патријархот Кирил, ми е гајле за Руската православна црква, бидејќи руското православие придонесе за нашето ослободување од петвековно отоманско ропство. Ми е гајле за целото руско општество, кое ја има оваа црква, која е источноправославна како нашата, ние сме од едно семејство. Како точно овие видови санкции придонесуваат за завршување на војната?“,
запраша Радев додавајќи дека за ова прашање свој став треба да изгради и Бугарската православна црква.
Радев посочи и на неколку клучни економски загрижености поради кои Бугарија има резерви кон предложените рестриктивни мерки.
„Можам да го посочам и ризикот за функционирањето на ‘Лукоил’, можам да ги посочам ризиците за снабдување на метрото на главниот град со резервни делови, како и загриженоста на Министерството за земјоделство и рурален развој за снабдувањето со ѓубрива за Бугарија и целата ЕУ, па сите овие работи допрва треба да се разгледаат во советите на ЕУ“, вели Радев.
Радев категорично изјави дека Бугарија нема да ги попречува заедничките европски одлуки поврзани со Украина. Тој потврди дека Софија ќе го поддржи процесот на преговори на Украина за влез во ЕУ.
Во однос на воената помош за Киев, тој појасни дека секоја земја одлучува независно.
„Кој сака, нека достави воена помош и опрема во Украина, нека го стори тоа. Ние донесуваме одлука врз основа на нашите залихи“,
рече Радев кој за денеска има закажано средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Вчера, бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова изрази противење на санкционирањето на патријархот Кирил, тврдејќи дека предлогот би бил чисто симболичен – иако ограничувањата би вовеле забрана за патување и замрзнување на средствата што ги поседува ЕУ, пишува „Еуроњуз“.
Санкциите, рече таа, „немаат економски ефект, туку имаат потенцијал да бидат контрапродуктивни, бидејќи создаваат средина во која може да се спроведува антиевропска пропаганда, поточно во насока дека Европа се меша во црковните работи. Затоа, не сметаме дека ова е продуктивно“.
ЕУ првпат се обиде да го стави Кирил на црната листа во 2022 година. Но, Унгарија, под тогашниот премиер Виктор Орбан, го блокираше потегот, нарекувајќи го прашање на верска слобода.
Ветото се појави меѓу главните вести во другите земји на ЕУ и предизвика негодување.
Прашањето беше во мирување до минатиот месец, кога новата унгарска влада на Петер Маѓар изрази подготвеност да продолжи со потегот, како што објави „Еуроњуз“.
Функционерите на ЕУ го искористија пресвртот и го додадоа името на Кирил на најновиот список на лица што ќе бидат санкционирани.
