„Ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при семејно насилство врз деца или нивно занемарување, преку поврзување на образовниот систем, институциите и семејствата во заедничка мрежа за заштита и поддршка“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на проектот денеска во Владата
Министерот за внатрешни работи Тошковски посочи дека бројките што ги има Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во истиот период во кој расте семејното насилство, расте и врсничкото насилство меѓу учениците
Министерството за образование и наука (МОН) денеска го претстави новиот проект кој треба да создаде трајно системско решение за превенција од семејно насилство врз деца и спречување тоа понатаму да се трансформира во врсничко насилство кое се рефлектира во училишните клупи.

Проектот, кој е насловен „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“, е иницијатива која обединува повеќе институции, граѓански организации и училишта, а ќе се спроведува во период од една година.
На денешната промоција во Владата, министрите за образование и наука Весна Јаневска, за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со претставници на Комората на психолози посочија дека семејното и врсничкото насилство се предизвици кои веројатно е дека ќе постојат и во иднина, но обврска на институциите и сите општествени чинители е да одговорат на најдобар можен начин за негативната статистика да биде сведена на најниско ниво.
Оценето е дека најголем причинител на врсничкото насилство е семејното насилство и поради тоа, како што рече министерката за образование, проектот директно насочен кон негово спречување. Дека тоа е најголем поттикнувач на врсничкото насилство, според Јаневска потврдуваат многубројни релевантни организации и стручни лица, а факт е, како што наведе таа, дека децата стануваат агресивни во училиште, туку најчесто тие доаѓаат агресивни од дома.
„Ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при семејно насилство врз деца или нивно занемарување, преку поврзување на образовниот систем, институциите и семејствата во заедничка мрежа за заштита и поддршка“,
рече Јаневска додавајќи дека освен кампањата преку медиумите, проектот ќе се спроведува и теренски.
Како што информира министерката, следната недела ќе започнат обуки за сите училишни психолози, педагози и социјални работници во основното образование, кои треба да придонесат во јакнење на нивните компетенции за препознавање деца жртви на семејно насилство преку нивното однесување.
Детето, како што рече Јаневска, мора да биде препознаено, слушнато и заштитено навреме.
Како што наведе таа, во рамките на проектот ќе се организираат и дискусии со наставниците и семејствата на учениците, чија цел ќе биде подигање на свеста за овој проблем и зајакнување на меѓусебната доверба и соработка, вклучително и соработката со институциите.
„Во дискусиите очекувам да се вклучат и учениците. Ќе ги повикаме заради јакнење на информираноста, поттикнување глас – за насилството да не се молчи. Од споделените искуства и практики, и од сугестиите што ќе ги добиеме за време на обуките и панел дискусиите, ќе изработиме и унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство, со алатки за проценка на ризик“,
додаде Јаневска.
На прес-конференцијата се обратија и министрите Фатмир Лимани и Панче Тошковски. Дадоа целосна поддршка на спроведувањето на проектот преку вклученост на полицијата и центрите за социјална работа.
„Врсничкото насилство е сложена општествена појава која не се појавува изолирано. Често зад него стојат подлабоки проблеми – нарушени семејни односи, изложеност на семејно насилство, недостаток на емоционална поддршка, несоодветни модели на однесување, но и негативни влијанија од дигиталниот простор. Затоа нашата обврска е да не реагираме само кога ќе се случи инцидент. Мора да дејствуваме многу порано – во семејството, во градинката, во училиштето, во локалната заедница и во дигиталната средина. Нашата визија е јасна – училишта без страв, семејства во кои се негува почит и разбирање, дигитален простор во кој младите се заштитени и општество во кое насилството нема место“,
рече Лимани.

Министерот за внатрешни работи, Тошковски посочи дека бројките што ги има Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во истиот период во кој расте семејното насилство, расте и насилството меѓу учениците.
„Не можеме со сигурност да кажеме дека секој конкретен случај е поврзан, но криминолошките аспекти на проблемот укажуваат дека изложеноста на насилство во домот е еден од најсилните ризик-фактори за подоцнежна агресија. Тоа е доволна причина Министерството за внатрешни работи да биде дел од овој проект од самиот почеток“,
рече Тошковски.
Според податоците што ги презентира Тошковски, во периодот од 1 јануари до 28 мај годинава регистрирани се 768 кривични дела од семејно насилство, што претставува зголемување од 67 проценти во однос на истиот период лани кога биле евидентирани 460 случаи. Повеќето од кривичните дела се однесуваат на телесна повреда при семејно насилство – 483, како и загрозување на сигурноста – 257, при што во овој период се регистрирани и четири убиства, едно убиство во обид и седум тешки телесни повреди.
Кога станува збор за врсничкото насилство, годинава, според Тошковски регистрирани се 93 инциденти, наспроти, 81 минатата година. Инцидентите, кои се случиле оваа година се евидентирани во 64 училишта.
Тошковски смета дека цврстата кривично-правна реакција во вакви ситуации е неопходна, но сама по себе не е доволна. Полицијата, како што кажа, секојдневно е прва линија на контакт со семејства во кои се случува насилство и токму затоа размената на информации меѓу полицијата, училиштата и центрите за социјална работа е клучна. Ако дете е сведок на насилство во домот, тоа треба да биде препознаено пред да се претвори во насилство во училишниот двор.
Според претседателката на Комората на психолозите, Елеонора Серафимовска, семејното насилство е еден од најсилните ризик-фактори за развој на агресивно и проблематично однесување кај децата, посочувајќи дека последиците од насилството во домот директно се пренесуваат во училиштата влијаејќи врз однесувањето, емоционалната стабилност и способноста на децата да учат и да воспоставуваат односи.
„Децата што растат во средина во која конфликтите се решаваат со страв или сила може да го прифатат насилството како модел на однесување“,
рече таа.
Агресивното однесување кај децата, како што кажа таа, често е резултат на траума и научени модели од семејната средина, но може да се манифестира и преку повлекување, анксиозност и пад на училишниот успех.
Психолозите нагласуваат дека клучно е навреме да се препознае што стои зад однесувањето на детето и да се обезбеди рана интервенција, со што може да се спречи таканаречениот трансгенерациски пренос на насилство и да се прекине циклусот.
