Под контрола се ставени пожарите на градската депонија во Демир Хисар и кај селото Железница во Општина Кратово, каде исто така горела депонија
На територијата на државата денеска до 18 часот се регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои пет се сѐ уште активни, два се ставени под контрола, а седум се целосно изгаснати, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарите во Општина Илинден, кај селото Мршевци, каде гори сува трева, во Општина Босилово, кај селото Секирник, каде е зафатена депонија, во Општина Чашка, кај селото Војница, каде гори нискостеблеста деградирана шума и сува трева, во Општина Кавадарци, кај селото Шивец, каде гори сува трева, како и во Општина Штип, кај селото Долани.
Под контрола се ставени пожарите на градската депонија во Демир Хисар и кај селото Железница во Општина Кратово, каде исто така горела депонија.
Целосно изгаснати се седум пожари и тоа кај Католичките гробишта во Битола, во прилепското село Мало Коњари, во близина на средното училиште „Орде Чопела“ во Прилеп, во тетовското село Непроштено, како и на три локации во Гостивар – селото Бањица, месноста Јавор во населбата Питарница и населбата Малеадри.
Од ЦУК посочуваат дека надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата на терен и да интервенираат на активните жаришта.
