Пратката, како што информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство, е вратена затоа што не ги исполнувала условите за увоз на производи од животинско потекло воведени за заштита од внесување на птичји грип во земјава
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека спречила увоз на над 23 тони замрзнато пилешко месо по потекло од Бразил. Пратката, како што информираат од АХВ, е вратена затоа што не ги исполнувала условите за увоз на производи од животинско потекло воведени за заштита од внесување птичји грип во земјава.

„Поради непочитување на донесеното решение за забрана за увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло заради заштита од внесување на птичји грип во земјава, пратката од 23 685 килограми замрзнато пилешко месо е одбиена бидејќи била произведена во јануари 2025 година, а согласно донесеното решение забранет е увозот на пратки кои се добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година“,
соопштија од АХВ.
Поради истата причина, АХВ во декември лани спречи увоз на над 26 тони замрзнат пилешки батак од Бразил.
