Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер во неколку владини ресори е гостин во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1

Пораката на Али Ахмети од изборното собрание на огранокот на ДУИ во Куманово е извадена од контекст, вели потпретседателот на партијата и поранешен министер Бујар Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Изјавата на Ахмети во која тој вели дека нема засекогаш да остане претседател на партијата и дека сака да им се приклучи на ветераните, според Османи, не значи најава за политичко пензионирање. Тој посочува дека станува збор за порака дадена во контекст на основањето на новото партиско тело – Совет на ветерани.
„Тоа е ново тело со новиот статут. Сега и на ниво на ограноци и на ниво на партија има Совет на ветерани. И дека тој што е избран за ветеран, не значи дека е тргнат на страна, туку е тоа навистина одговорност и привилегија, бидејќи секоја партија се заснова на три столба: на искуството на ветераните, на активното раководство и новата генерација којашто доаѓа. И мислам дека тоа беше целта на Ахмети – да им каже на сите тие што биле активни во претходното раководство, коишто се сега избрани во ветерани, да не се чувствуваат дека се тргнати на страна, бидејќи сите ние се движиме низ тие три фази: од нова генерација, актуелно раководство, ветерани – и тоа треба да се сфати како привилегија. Така што, така јас ја прочитав таа изјава, а не како некоја најава за повлекување“,
вели Османи.
На прашањето дали тоа што Ахмети со 67 години е највозрасниот лидер на една релевантна политичка партија во земјава и тоа што е на чело на ДУИ цели 24 години може да биде аргумент за повлекување, Османи посочува дека посилен аргумент е фактот што Ахмети нема ниту еден пораз на избори на политичкото конто. Во однос на претходните најави на Ахмети дека ќе се повлече откако земјава ќе стане членка на НАТО, Османи вели – државата се соочува со нови предизвици.
„Мислам дека тоа е еден процес – НАТО и ЕУ. Секако и тоа било во функција на охрабрување за членството во НАТО. Знаете дека нас ни беше главната мисија и визија и стратешка цел членството во НАТО. Еве, тоа го постигнавме. Сега има нови предизвици државата. Некако има престанок, нагол престанок на движењето, со тенденции за ‘U-turn’ и за ревизија на сè што е постигнато. Така што сега секој капацитет ни е потребен да го зачуваме правецот, да го заштитиме моделот’,
вели Османи.
За прашањето за промена на лидерската позиција во ДУИ, Османи вели дека неизбежно ќе се случи некогаш и тоа ќе биде голем предизвик.
Османи: Ќе е предизвик заради харизмата на Али Ахмети, заради неговото посебно разбирање на ‘лидершипот’, неговата атрактивна моќ да држи луѓе низ сите региони во државата, ќе биде предизвик. И затоа ние сме среќни што го имаме.
360°: Големината на лидерите е во тоа и да создаваат наследници. Зошто не се препознава природен наследник на Ахмети во ДУИ?
Османи: Затоа што тоа е демократска партија, со статут, со конгреси, со тела, со правила. И не мислам дека треба да има политика на директно наследство. Доколку дојде… некогаш ќе дојде и заради биологија и заради многу причини, се разбира дека таа транзиција ќе се одвива низ процес. Но, сега мислам дека имаме новоизбран лидер, којшто е најискусниот политичар во оваа држава, најконзистентниот политичар во оваа држава и единствениот што мислам дека има јасна стратегија каде одиме. Така што тој е ‘асет’ не само за нас во ДУИ, тој е ‘асет’ за Албанците, но и за државата во целина.
