Ревизорите откриле дека дел од правата се остварени без целосно исполнување на условите и без задолжителна документација, а пропусти имало и во спроведувањето на постапките, односно не бил извршен увид во домаќинството, имало недоволно или неспроведено годишно преиспитување на правата, задоцнето донесување решенија и некомплетност на службената евиденција

Државниот завод за ревизија (ДЗР) открил слабости, неажурност и лоши системски контроли во процесот на остварување и исплата на правата од социјална заштита во Македонија. Најновиот ревизорски извештај за усогласеност, кој го опфаќа периодот од 2022 до јуни 2025 година, алармира дека социјална помош се исплаќала без да се исполнат законските услови, со што е нанесена директна штета на државниот Буџет.
Според ревизорите, во текот на 2024 година за социјални парични надоместоци и здравствена заштита биле исплатени вкупно 10 003 289 денари, што е околу 162,1 милиони евра за просечно 113 666 корисници. Ова претставува дури 15 отсто од вкупните расходи на Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ), при што во изминатите три години овие исплати забележале растечки тренд од 30 отсто.
Истовремено земале и социјална помош и пензија
Поради слабости во системските контроли и слаба размена на податоци преку интегрираниот информациски систем СПИЛ, ревизорите откриле случаи на двојна наплата.
За само една година, 235 корисници истовремено користеле и права од социјална заштита и пензија, со што неосновано биле исплатени 14 536 005 денари или околу 236 илјади евра. Од овие средства 10,7 милиони денари неосновано завршиле кај 190 корисници на гарантирана минимална помош, 3,3 милиони денари биле исплатени по основ на правото на социјална сигурност на 40 стари лица и 426 илјади денари биле доделени како траен надоместок на пет корисници.
Дополнително, 11 лица ја примале социјалната помош за стари лица без воопшто да ја исполнат старосната граница, а штетата е од 52 илјади евра. Исто така, кај 12 корисници системот „премолчил“ дека земаат паричен надоместок за невработеност.
Кај постапките за остварување на правата утврдени се слабости во однос на некомплетна документација и непочитување на законските критериуми. Ревизорите откриле дека дел од правата се остварени без целосно исполнување на условите и без задолжителна документација, а пропусти имало и во спроведувањето на постапките, односно не бил извршен увид во домаќинството, имало недоволно или неспроведено годишно преиспитување на правата, задоцнето донесување решенија и некомплетност на службената евиденција.
Документација се чува по ходници и во картонски кутии
Ревизорите откриле дека има лоши услови за работа во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи (МЦСР) Скопје, каде службите за парична помош работат во бараки со лоши услови, а строго доверливата документација на граѓаните се чува по ходници и во картонски кутии, што е во спротивност со Законот за архивско работење.

Иако постои законска обврска за изработка на индивидуални планови за вработување на корисниците на минимална помош, Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување (АВРСМ) не ја спроведувале ефикасно. Наместо електронски, плановите се пишувале рачно, во многу мал обем, па поради недостаток на кадар и лоша координација, корисниците остануваат долгорочно зависни од државниот буџет наместо да излезат на пазарот на труд.
Ризик од ненавремена и нецелосна наплата
Откриено е и дека не постои системско следење на уплатите и вратените средства, ниту координација помеѓу Министерството и Центарот за социјални работи, што создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата.
Дополнителен проблем е процесот на враќање на погрешно исплатените пари. Министерството нема јасни процедури, па Центарот за социјални работи различно одредувал рати и рокови за враќање на средствата. Дури и кога се поведуваат судски постапки, парите тешко се наплатуваат бидејќи социјалните примања се изземени од извршување. Поради тоа долговите остануваат ненаплатени, а корисниците по некое време повторно поднесуваат барање за помош.
ДЗР заклучува дека Националната програма за развој на социјалната заштита 2022–2032 има лимитирана имплементација, а годишните програми на Министерството имаат чисто буџетски карактер, без јасни мерливи индикатори кои би покажале каков е реалниот ефект од овие реформи на терен.
Од ДЗР велат дека за надминување на утврдените состојби се дадени препораки за унапредување на правната рамка, програмското планирање, постапките за остварување на правата од парична помош и надзорот над нивната исплата, со цел поефикасно и поефективно користење на буџетските средства и намалување на оптоварувањето на системот на социјална заштита.
