Од обработени речиси 94 проценти од избирачките места, Самоопределување има освоено 43,48 отсто или 282 674 гласови
На вонредните парламентарни избори во Косово најголем број гласови доби движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти, покажуваат првичните резултати на Централната изборна комисија. Од обработени речиси 94 проценти од избирачките места, Самоопределување има освоено 43,48 отсто или 282 674 гласови.
На второ место е Демократската партија на Косово со 21,41 отсто, односно 139 214 гласови, а трето место е Демократскиот сојуз на Косово со 17,89 отсто или 116 317 гласови.

Централната изборна комисија соопшти дека до 19 часот гласале 722 868 избирачи или 36.88 отсто од вкупниот број запишани лица со право на глас.
Предвремените парламентарни избори во Косово следуваат откако парламентот не успеа да избере нов претседател на државата во предвидениот рок. Законодавниот дом на Косово имаше рок до 28 април да избере нов шеф на државата бидејќи мандатот на претседателката Вјоса Османи истече на почетокот на април. Бидејќи тоа не се случи, парламентот се распушти.
