Состанокот на министрите од шесте земји од регионот со претставници на Европската комисија следува откако Европскиот совет пред неколку дена соопшти дека го одобрил почетокот на преговорите со земјите од Западен Балкан за вклучување во моделот „роаминг како дома“. Според најавата на министерот за дигитална трансформациај, на состанокот ќе се дискутираат главните елементи на преговарачката рамка, следните чекори и статусот на подготвеноста на секоја земја за приклучување кон иницијативата
Министрите од Западен Балкан на 12 јуни ќе имаат состанок со претставници на Европската комисија во рамки на иницијативата „роаминг како дома“, објави денеска министерот дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Состанокот следува откако Европскиот совет пред неколку дена соопшти дека го одобрил почетокот на преговорите со шесте земји од Западен Балкан за вклучување во моделот „роаминг како дома“. Според најавата на Андоновски, на состанокот ќе се дискутираат главните елементи на преговарачката рамка, следните чекори и статусот на подготвеноста на секоја земја за приклучување кон иницијативата.

„По одлуката на Советот на ЕУ да го одобри почетокто на преговорите со земјите од Западен Балкан во насока на проширување на режимот ‘роаминг како дома’, Европската комисија ќе започне секторски преговори со секоја од земјите поединечно. Преговорите ќе бидат засновани врз Договорот за стабилизација и асоцијација. Секторските договори ќе ја воспостават институционалната рамка за нивна имплементација, управување и следење, со тоа ќе се создаде правен и институционален механизам преку кој ќе може да се регулира реципрочното отворање на пазарот за роаминг помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан“,
изјави Андоновски на денешниот брифинг.
Тој додава дека Министерствто за дигитална трансформација подготвено го очекува почетокот на овој процес и дека веќе е формиран преговарачки тим составен од претставници на повеќе надлежни институции. Позитивно, вели Андоновски, е што секоја земја преговара за себе, што значи дека колку побрзо ги исполни условите, односно се усогласи со европското законодавство во областа на телекомуникациите, толку побрзо ќе го заврши процесот.
„Очекувам во текот на оваа година да завршат преговорите, да го утврдиме текстот на договорот, тој да помине на владина седница и да биде ратификуван со Собранието и да бидеме подготвени први да го започнеме овој процес од Западен Балкан. Мојата искрена надеж е дека тоа ќе биде јануари 2027 година“,
изјави Андоновски.
Министерот за дигитална трансформациај вели дека од наша страна, клучниот дел од подготовката е завршен.
„Регулаторниот пакет, со измените на Законот за електронски комуникации и дополнителните измени на подзаконските акти се подготвени. Законот е утврден на седница на Влада и испратен на мислење во Европската Комисија. Станува збор за четири регулативи и директиви, и директивата КОД, што се применети и очекуваме да добиеме повратен одговор по почетокот на преговорите“,
додава тој.
Андоновски е дециден дека иницијативата „роаминг како дома“, која ќе им овозможува на корисниците од Западен Балкан да остваруваат телефонски повици, да испраќаат пораки и да користат мобилен интернет додека патуваат во странство без да плаќаат дополнителни трошоци за роаминг, е една од највидливите придобивки од пристапувањето кон Европската Унија.
