Откако вчера Судскиот совет го суспендираше, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски тврди дека утринава го избркале од неговата канцеларија во судот и му ја заклучиле.
„Ете и тоа го дочекав, утрово избркан како партал од канцеларијата и судската зграда, судски полицаец дојде да ја заклучи канцеларијата, ни одлука сум примил, ни официјално сум известен, ниту сум известен за било која од постапките на прогон против мене, освен од медиуми“,
напиша Панчевски на Фејсбук.

Од Кривичен суд за „360 Степени“ велат дека добиле решение од Судскиот совет на РСМ за суспензија на конкретниот судија, но тој утрово воопшто не се појавил во судот за да му биде врачено решението.
Одлуката за суспендирање на Панчевски, Судскиот совет ја донесе откако обвинителството го обвини судијата за злоупотреби на АКМИС системот за електронска распределба на предмети, додека тој ја водеше скопска единица.