Ова не е „дипломатија“. Ова е јасна антиевропска и антизападна политика на криминалната група на власт. Мицкоски, Стоилковиќ и ВМРО не сакаат во Европа… Граѓаните веќе јасно гледаат: владата на Мицкоски со едната рака ветува ЕУ, а со другата работи за Кина и руските интереси. Доста е со двојната игра!“, обвини портпаролката и членка на ИО на СДСМ на денешната прес-конференција
За посетата на Кина од 22 до 29 мај, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ информира минатата недела, преку серија објави на неговиот официјален фејсбук-профил
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно ја обвини Владата за двојни игри во однос на евроинтеграциите на земјава, овојпат посочувајќи на посетата на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ на Кина.

Портпаролката на СДСМ и членка на Извршниот одбор на партијата, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција рече дека додека граѓаните чекаат реформи и европска иднина, вицепремиерот Стоиљковиќ, за кого кажа дека е најблизок соработник на премиерот Христијан Мицкоски и втор човек во државата, се обраќа на 7. состанок на локалните лидери на Кина, заедно со српската делегација.
Во таа насока, Кузеска праша дали во земја која е полноправна членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, вториот човек на владата отворено промовира стратешка соработка со Кина.
Прозивајќи го Стоиљковиќ, таа рече дека станува збор за човек кој се дружи со моторџиската група „Ноќни волци“, која важи за блиска до рускиот претседател Владимир Путин, слави со проруските структури во Република Српска и кој е тесно поврзан со српските безбедносни служби, а сега директно заговара продлабочување на врските со Пекинг.
„Ова не е ‘дипломатија’. Ова е јасна антиевропска и антизападна политика на криминалната група на власт. Мицкоски, Стоилковиќ и ВМРО не сакаат во Европа. Не сакаат реформи. Не сакаат правда. Сакаат изолација, зависност од автократии и продолжување на криминалот без контрола. Граѓаните веќе јасно гледаат: владата на Мицкоски со едната рака ветува ЕУ, а со другата работи за Кина и руските интереси. Доста е со двојната игра!“,
рече Кузеска.
За посетата на Кина, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ информира минатата недела, преку серија објави на неговиот официјален фејсбук-профил.
„Ми беше посебна чест и привилегија што денеска имав можност да се обратам на свечената церемонија на отворањето на 7. конференција на локалните лидери на Кина и земјите на Централна и Источна Европа, во Зинан, во провинцијата Шангдонг“,
пишува Стоиљковиќ во објава од 26 мај.
Во друга, од 29 мај, тој споделувајќи фотографии од интервју за кинеската државна телевизија, вели дека по долго време, односно по 10 години „запуштени односи помеѓу нашата држава, Република Македонија и Народна Република Кина, ова е прва сериозна официјална посета на многу високо ниво“.
Во објавите Стоиљковиќ вели дека имал средба и разговори со високи претставници на кинеската влада, меѓу кои и со државниот советник Шен Јикин (Shen Yikin), на која ги разгледале, како што наведува најважните прашања на македонско-кинеските меѓудржавни односи и можностите за унапредување на соработката. На разговорите, вели Стоиљковиќ, присуствувал и македонскиот амбасадор во Народна Република Кина, Сашко Насев.
„Соработката со Кина нуди брзи техничко-технолошки решенија, големи инвестициски фондови и решенија кои, верувам, ќе ги имплементираме со сериозна материјална придобивка за нашето стопанство и граѓаните. И да нема забуни, европскиот пат по кој чекориме гарантира структурни реформи, институционални стандарди и долгорочна стабилност преку пазарна интеграција. Да градиме брзо, но да градиме паметно, одговорно и одржливо“, вели Стоиљковиќ во една од објавите.
