Претседателот на Европскиот совет ги повика домашните власти да ги забрзаат реформите, односно да назначат главен преговарач со ЕУ и да одобрат две реформи поврзани со судскиот систем, за да не ризикуваат земјата да изгуби стотици милиони евра од европските фондови
Босна и Херцеговина повеќе не е земјата каква што беше во 1995 година и се наоѓа на неколку чекори од нејзината следна фаза во евроинтегративниот процес – порача од Сараево претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој од денеска од БиХ ја започна својата петдневна турнеја низ земјите од Западен Балкан.

Во овој контекст тој ги повика домашните власти да ги забрзаат реформите, односно да назначат главен преговарач со Европската Унија и да одобрат две реформи поврзани со судскиот систем, за да не ризикуваат земјата да изгуби стотици милиони евра од европските фондови.
„БиХ веќе изгуби 108 милиони евра, а дополнителни 373 милиони се во опасност. Доколку ги исполните условите за усогласување со законодавството на ЕУ, постепената интеграција во единствениот европски пазар ќе им користи на вашите граѓани и бизниси дури и пред пристапувањето“,
рече Кошта по средбата со членовите на Претседателството на БиХ.
Претседателот на Европскиот совет рече дека неговата балканска турнеја испраќа јасен сигнал дека посветеноста на Европската Унија кон Западен Балкан е реална, како што е реална и можноста за проширување.
„Босна и Херцеговина треба да одлучи дали ќе го стори она што е потребно за да ја сподели ваквата иднина во Европската Унија. Вие сте само на неколку чекори од следната конкретна фаза во отворањето на преговорите за пристапување. Ако иднината на оваа земја е во Европската Унија, тогаш е важно новиот висок претставник, кој ќе го назначи Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот, да ја отелотворува посветеноста на Босна и Херцеговина да го следи патот на пристапување кон Европската Унија“,
порача Кошта.
Нагласи дека во време на глобална геополитичка несигурност и економска нестабилност, проширувањето не е само можност, туку и геостратегиски интерес за Европа и инвестиција во стабилноста и безбедноста на европскиот континент. Тој додаде дека со нетрпение го очекува Самитот ЕУ – Западен Балкан што ќе се одржи во петок во Тиват бидејќи, како што кажа, јасно ќе ја покаже решеноста на ЕУ за зајакната соработка со земјите од регионот.
