Донева летово ќе ја претставува Македонија на државната Економска олимпијада во Атина, а примена е на Карловиот универзитет во Прага, ЦЕУ Виена и на Универзитетот „Левен“ во Белгија. Нејзините амбиции ја водат кон студии по политика, филозофија и економија
Економијата и политиката се области преку кои директно може да се придонесе кон подобро разбирање и решавање на реалните општествени предизвици, вели матурантката од меѓународното училиште НОВА – Ања Донева, која е примена на три врвни европски факултети: Карловиот универзитет во Прага, ЦЕУ Виена и на Универзитетот „Левен“ во Белгија.

Таа континуирано бележи одлични академски резултати, а годинава се најде меѓу петте најдобри средношколци на државниот натпревар по економија, во силна конкуренција од над 3 500 ученици. Со овој пласман, Ања ќе ја претставува Македонија на Меѓународната економска олимпијада, што претстојниов август ќе се одржи во Атина.
360°: Ања, примена си на врвни европски факултети како Карловиот универзитет во Прага, ЦЕУ Виена и Универзитетот „Левен“ во Белгија, но конечната одлука сè уште претстои пред тебе. Како твоето искуство во НОВА ти помогна низ процесот на аплицирање и како ти помага сега при разгледувањето на опциите?
Ања Донева: НОВА имаше огромна улога во целиот процес на аплицирање, пред сѐ преку можностите што ми ги понуди во текот на четирите години средно образование. IBDP-програмата ми помогна да развијам академски навики, да стекнам обемни знаења по предметите кои ги изучував и поттикна да развијам критичко размислување и способност самостојно да истражувам и анализирам различни теми, што всушност беше многу важно при самото
аплицирање. Покрај академскиот дел, НОВА ми овозможи активно да се вклучам во различни училишни клубови и активности според моите интереси. Бев една од ученичките кои го водеше клубот MUN (Model United Nations), членував во дебатниот клуб, бев главен уредник на училишниот весник и учествував во повеќе волонтерски акции и натпревари, вклучително и на Економската олимпијада. Токму овие искуства ми помогнаа не само да изградам посилна апликација, туку и подобро да ги разберам сопствените интереси и насоката во која сакам да продолжам. Во текот на целиот процес имав голема поддршка и од академската советничка во НОВА, која ми помогна при изборот на универзитетите и ме водеше низ сите фази од аплицирањето. Тоа ми овозможи процесот да биде многу поорганизиран и помалку стресен. Моментално, кога ги разгледувам опциите, мислам дека токму искуствата што ги стекнав во НОВА ми помагаат подобро да проценам каква академска средина барам и за моето понатамошното образование.
360°: Кога наесен ќе заминеш на студии, што е највредното што ќе го понесеш со себе од училиштето НОВА?
Ања Донева: Од НОВА дефинитивно ќе понесам многу повеќе од само академско знаење. Секако, образованието и вештините што ги стекнав низ школувањето во НОВА се многу важни, особено навиките за учење, организираноста и способноста критички да размислувам и самостојно да работам. Но, мислам дека уште повредни се искуствата и начинот на размислување што ги развив низ годините. НОВА беше средина во која постојано бев охрабрувана да поставувам прашања, да дискутирам, да истражувам различни области и да излегувам од сопствената зона на комфор. Токму тоа ми помогна да изградам поголема самодоверба, амбиција и љубопитност кон светот околу мене. Исто така, ќе ги понесам и луѓето кои беа дел од тоа мое искуство – професорите кои секогаш ме поддржуваа и мотивираа, како и соучениците со кои учевме едни од други. Мислам дека токму таа атмосфера на поддршка и соработка беше една од највредните работи во НОВА. На некој начин, сметам дека училиштето ме научи дека успехот не е само во оценките или резултатите, туку и во способноста постојано да учиш, да се адаптираш и да останеш отворен кон нови идеи и искуства. Верувам дека токму тоа ќе ми биде најкорисно и во следната фаза од животот.
360°: Сакаш да студираш политика, филозофија и економија, или економија и финансии, што те привлече кон овие области и дали некој конкретен настан или, пак, одредени професори влијаеа врз развојот на интересот за овие области?
Ања Донева: Мојот интерес за економијата најмногу се разви преку часовите по економија што ги посетував како дел од IBDP-програмата во НОВА. Преку тие часови првпат подетално се запознав со економијата како област и сфатив колку е поврзана со секојдневниот живот, политиките и начинот на кој функционираат општествата. Интересот дополнително се продлабочи преку моето учество на Економската олимпијада, каде што имав можност
многу повеќе да навлезам во различни економски концепти и да се натпреварувам со ученици кои го делат истиот интерес. Тоа искуство уште повеќе ме мотивираше да продолжам да се развивам во оваа насока. Од друга страна, интересот за области како политика најмногу произлезе од активностите во кои бев вклучена во НОВА, особено преку дебатниот и MUN-клубот. Мислам дека токму можностите што ги нуди НОВА ми овозможија да истражувам повеќе различни области и постепено да откријам што навистина ме интересира. Наместо уште од почеток да имам јасно дефинирана насока, имав простор да пробувам различни активности и преку тоа природно да ги развијам моите интереси кон економијата, политиката и општествените науки.
360°: Минатата година беше втора на регионално ниво и 11. на државно ниво на Економската олимпијада, а оваа година се искачи на првото место на регионално ниво, и влезе во топ пет во државата во конкуренција од 3 500 ученици. Во август ќе ја претставуваш Македонија на Меѓународната eкономска oлимпијада во Атина. Како се подготвуваш, дали добиваш менторска помош од професорите и кои се очекувањата од претстојната oлимпијада?
Ања Донева: Во текот на целиот процес на подготовка за Економската олимпијада имав голема поддршка од мојата менторка, односно професорката по економија во НОВА, која многу ми помогна и ме мотивираше во текот на натпреварите. Покрај тоа, за подготовките за меѓународната рунда добиваме поддршка и од Liberal Alternative Institute и Economic Literacy Program, организациите што го координираат и поддржуваат учеството на Македонија на Олимпијадата. Во моментов веќе работиме со материјали што ни беа испратени како дел од подготовките, а досега имавме и состаноци со цел подобро да се подготвиме за натпреварот. Во текот на летото ќе следи и интензивен летен камп за подготовка, каде што ќе работиме подетално на различни економски теми, анализи и задачи. Настапот во Атина го гледам како огромна чест и многу голема можност. Освен самиот натпревар, мислам дека ќе биде особено интересно да се запознаам со ученици од различни држави кои го делат истиот интерес за економија. Секако дека би сакала да постигнам добар резултат, но уште поважно ми е да го искористам искуството максимално, да научам што е можно повеќе и достојно да ја претставам Македонија. Самото тоа што ќе имам можност да бидам дел од една ваква меѓународна средина веќе го сметам за многу вредно искуство.

360°: Професорите велат оти си скромна, но истовремено и движечка сила на часовите. Како тоа може да се балансира, од една страна да си меѓу најактивните во дискусиите, а сепак да наоѓаш простор и време несебично да им помагаш на соучениците?
Ања Донева: Мислам дека активноста на часовите и помагањето на другите не се спротивности, туку всушност одат заедно. Лично, чувствувам дека најмногу учам токму преку дискусии, поставување прашања и обиди да објаснувам нешто на друг. Често, кога се обидуваш некому да му помогнеш или да објасниш одреден концепт, и сам подобро почнуваш да го разбираш. За мене, училницата никогаш не била место каде што учениците треба стриктно само да се натпреваруваат едни со други. Напротив, мислам дека најдобри резултати се постигнуваат кога постои средина во која луѓето меѓусебно се поддржуваат и мотивираат. Токму таква атмосфера, според мене, постои во НОВА. Секогаш сум се трудела, колку што можам, да придонесам кон попозитивна и поотворена атмосфера на часовите и претпоставувам дека токму поради тоа професорите ја гледаат таа комбинација на активност и скромност, затоа што за мене успехот никогаш немал вредност ако не можеш истовремено да бидеш позитивен со луѓето околу себе.
360°: Имаш силен фокус на остварување повисоки цели. Па, каде се гледаш себеси по завршувањето на студиите по економија или политика?
Ања Донева: Сѐ уште сум во период кога сакам да истражувам различни насоки и мислам дека е рано да имам целосно дефиниран пат. Сепак, дефинитивно се гледам во област каде што би можела да работам на прашања што имаат реално општествено влијание, без разлика дали тоа ќе биде преку економија, политика, меѓународни организации или истражување. Во моментов најмногу ме привлекуваат економското и политичкото истражување, бидејќи мислам дека токму преку тие области може директно да се придонесе кон подобро разбирање и решавање на различни општествени и економски предизвици. Исто така, би сакала и понатаму академски да се надградувам, односно по завршувањето на додипломските студии да продолжам и со постдипломски, а можеби и со докторски студии. Најверојатно во иднина се гледам во поле поврзано со економско истражување или работа во меѓународни организации, каде што би имала можност да работам на теми и проблеми кои имаат пошироко влијание. Но, истовремено, сакам да останам отворена кон различни можности и искуства што дополнително ќе ми помогнат да откријам во која насока најмногу се пронаоѓам.
