Голем дел од децата купуваат храна од училишни продавници или автомати. Во сите училишта каде што се продава храна, а тоа се 20 отсто од опфатените училишта, понудата е исклучиво нездрава
Речиси сите ученици имаат пристап до блиски продавници каде што доминираат засладени пијалаци и ултрапреработени производи богати со масти, шеќер и сол, кои дополнително се интензивно рекламирани
Училиштата што обезбедуваат оброци, а тоа се 35 отсто од опфатените, ги почитуваат националните стандарди за исхрана. Сепак, во училишните ужинки често е присутна нездрава храна, што, според УНИЦЕФ, укажува на потреба од построги стандарди и ограничувања
Нездравите опции на храна и пијалаци се широко достапни и интензивно се промовираат во и околу училиштата во државава, додека здравата храна е ограничена, што негативно влијае врз навиките во исхраната кај децата, покажува новата национална проценка на нутритивните средини во училиштата, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

Проценката е спроведена во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, со поддршка на УНИЦЕФ, и претставува прв сеопфатен преглед на училишните нутритивни средини во земјата.
Во истражувањето се опфатени 40 основни и средни училишта, а учествувале околу 1 700 ученици.
„Наодите укажуваат на слична состојба во сите училишни средини – кога и да побара детето храна на училиште, нездравата опција е секогаш тука, а здравата честопати ја нема“,
се вели во соопштението од УНИЦЕФ во Скопје.
Во услови кога нема национална програма за училишна исхрана, според проценката, голем дел од децата купуваат храна од училишни продавници или автомати. Во сите училишта каде што се продава храна, а тоа се 20 отсто од опфатените училишта, понудата е исклучиво нездрава.
Истражувањето покажало и дека речиси сите ученици имаат пристап до блиски продавници каде што доминираат засладени пијалаци и ултрапреработени производи богати со масти, шеќер и сол, кои дополнително се интензивно рекламирани.
Од друга страна, училиштата што обезбедуваат оброци, а тоа се 35 отсто од опфатените, ги почитуваат националните стандарди за исхрана. Сепак, во училишните ужинки често е присутна нездрава храна, што, според УНИЦЕФ, укажува на потреба од построги стандарди и ограничувања.
Истовремено, учениците покажале силна поддршка за поздрава исхрана во училиштата.
Над 80 отсто од анкетираните поддржуваат воведување здрави и хранливи оброци, 60 отсто сметаат дека намалената достапност на нездрава храна би им помогнала да направат поздрав избор, а 85 отсто велат дека храната што се продава во училиштата треба да биде со прифатлива цена.
Наодите се надоврзуваат на постоечките податоци според кои околу една третина од децата на возраст од 7 до 9 години во државава живеат со прекумерна тежина или дебелина.
Во извештајот се препорачува зајакнување на стандардите за училишна исхрана, подобрување на пристапот до здрави оброци, ограничување на продажбата на храна и пијалаци богати со сол, шеќер и масти, како и воведување построги мерки против рекламирањето на ултрапреработена храна и засладени пијалаци.
Воедно, УНИЦЕФ и партнерите ја започнуваат кампањата „#ШтоИмаЗаЈадење“, која е креирана заедно со деца и адолесценти од пет училишта низ земјата. Кампањата има цел да поттикне поздрава училишна исхрана и да ја намали изложеноста на децата на реклами за нездрава храна.
Како дел од иницијативата, учениците низ земјата се повикани да се вклучат во предизвикот на социјалните мрежи „#ШтоИмаЗаЈадење“ и да придонесат за подигање на свеста за условите со кои секојдневно се соочуваат децата во училиштата.
