Шефот на дипломатијата смета дека културната дипломатија не ги решава директно политичките проблеми, но создава атмосфера во која тие полесно можат да се надминат преку дијалог и доверба
В.д. амбасадорката на САД во земјава, Никол Варнс, посочи дека повеќе од три децении САД и Северна Македонија заеднички работат на зајакнување на образованието, културната размена и поврзувањето меѓу луѓето преку академски програми, уметничка соработка и културни иницијативи
Културната дипломатија е најчовечката форма на дипломатија и има задача да ја врати човечката димензија во меѓународните односи, е една од пораките на 4. Форум за културна дипломатија „Скопје 2026“, кој годинава се одржува под мотото „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во своето обраќање рече дека културната дипломатија денес не претставува споредна тема во меѓународните односи, туку едно од клучните прашања на современиот свет.
„Во свет кој станува сè понестабилен и понепредвидлив, прашањето не е само кој има поголема моќ, туку кој има поголем кредибилитет и кој може да гради доверба“,
кажа тој.
Посочи дека културната дипломатија често се опишува како мека моќ, но, според него, таа денес е сериозен инструмент за државно позиционирање, градење партнерства и долгорочно влијание.
„Армиите можат да обезбедат безбедност, економиите можат да создадат можности, но довербата меѓу народите се гради преку луѓе, идеи, култура, образование и почитување. А довербата е најскапиот капитал во денешната дипломатија“,
рече Муцунски.
Иако светот, како што посочи, е технолошки поврзан повеќе од кога било, политички и општествено често е подлабоко поделен.
„Живееме во време во кое светот е технички поврзан повеќе од било кога, но политички, општествено и емотивно често, често изгледа подлабоко оддалечен. Имаме повеќе информации, но не секогаш повеќе разбирање. Имаме побрза комуникација, но не и подобар дијалог. Имаме сè повеќе платформи за говор, но сè помалку простор за слушање“,
вели министерот.
Според него, влијанието на една држава денес не се мери само преку економската или воената моќ, туку и преку способноста да инспирира доверба и да биде препознаена како сериозен и вредносно јасен партнер.
Осврнувајќи се на земјава, тој рече дека иако не сме голема држава, Македонија има силен културен и историски идентитет и традиција која е дел од европската културна мапа.
„Нашата задача денес е таа приказна да ја кажуваме посамоуверено, мирно и достоинствено, со јасна свест за тоа кои сме и што претставуваме“,
кажа тој.
Во говорот тој се осврна и на Балканот, кој, како што кажа, премногу често бил претставуван низ конфликти и поделби, иако регионот има и богата традиција на културни допири, размена и соживот.
„Историјата не смее да биде алатка за блокирање на иднината. Таа треба да биде простор за знаење, разбирање и почитување“,
нагласи Муцунски.
Оцени дека културната дипломатија не ги решава директно политичките проблеми, но создава атмосфера во која тие полесно можат да се надминат преку дијалог и доверба.
Во обраќањето, Муцунски ја истакна и улогата на демократијата, образованието, критичкото мислење и медиумската писменост во време на поларизација и дезинформации.
Како пример за успешна културна дипломатија ги посочи Соединетите Американски Држави (САД) и нејзините универзитети, научни центри, медиуми и културна индустрија, оценувајќи дека американската глобална улога се градела не само преку сила и економија, туку и преку идеи и инспирација.
„Американската глобална улога не се градела преку сила, економија или сојузи. Таа се градела и преку универзитети, научни центри, културна продукција и иновација, медиуми, филм, музика и преку една силна идеја дека слободата и креативноста и можноста да се инспирираат луѓето низ целиот свет произведува резултати. Од Фулбрајт-програмите и академските размени до Харвард, Колумбија, Стенфорд, Силиконската долина и глобалната креативна индустрија. Американската културна моќ покажала дека идеите можат да патуваат многу подалеку од границите на државата“,
рече тој.
На крајот, Муцунски порача дека културната дипломатија започнува со меѓусебното разбирање меѓу народите.
„Кога културите комуницираат, политиката има повеќе простор за решение. Кога идентитетите се почитуваат, иднината станува помалку заробена од минатото“,
заклучи министерот.

В.д. амбасадорката на САД во земјава, Никол Варнс, порача дека културата е поважна од кога било во време на брзи технолошки промени, стратешка конкуренција и информативни предизвици, оценувајќи дека културната дипломатија претставува мост меѓу луѓето и народите.
Говорејќи на Форумот за културна дипломатија „Скопје 2026“, Варнс истакна дека културата е првиот јазик што луѓето го споделуваат, уште пред владите да потпишат договори или институциите да воспостават партнерства.
„Културната дипломатија гради разбирање таму каде што започнува недоразбирањето. Таа создава простор за дијалог таму каде што политиката не може да допре и покажува дека и кога не се согласуваме, заедничките вредности и меѓусебната почит можат да го премостат јазот“,
рече таа.
Потсети дека САД се подготвуваат за одбележување на 250-годишнината од своето постоење, нагласувајќи дека низ американската дипломатска историја клучна улога имале иновациите, креативноста, отпорноста и способноста за обновување.
Според неа, Скопје отсекогаш било место на средба на цивилизации, култури и идеи.
„Вие не сте само сведоци на средбата на културите, туку активно градите врски меѓу нив“,
кажа Варнс.
Посочи дека повеќе од три децении САД и Северна Македонија заеднички работат на зајакнување на образованието, културната размена и поврзувањето меѓу луѓето преку академски програми, уметничка соработка и културни иницијативи.
„Кога студентите студираат во Соединетите Американски Држави, тие се враќаат со нови перспективи што ги трансформираат нивните заедници. Кога луѓето ги споделуваат своите традиции, тие откриваат што ги прави уникатни, но и што ги поврзува“,
додаде таа.
Според неа, културната дипломатија ја обновува довербата и отворената комуникација, кои честопати се нарушуваат во политичките процеси.
Подготовките на Скопје за титулата Европска престолнина на културата 2028, смета дека претставуваат можност за дополнително јакнење на меѓународната соработка и културниот развој.
„Ја позиционирате Северна Македонија како лидер во промовирањето на европското културно богатство, а САД гордо го поддржуваат тоа“,
рече Варнс.
На крајот, таа нагласи дека суштината на културната дипломатија се луѓето – младите лидери, уметниците, едукаторите и општествата кои избираат поврзување наместо поделби.
Претседателот на Извршниот одбор на Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“, Иван Иванов, оцени дека светот денес се соочува со сериозни предизвици, во услови на сè почести војни, кризи и неизвесност во меѓународниот поредок.
Во воведното обраќање тој рече дека актуелните глобални состојби ја ставаат на тест мултилатералната архитектура и улогата на меѓународните институции.
На Форумот учествуваат дипломати, политичари, експерти, уметници и јавни личности од Македонија, САД, Германија, Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија и од Црна Гора.
