Земјава требаше да исполни 16 реформски чекори до јуни 2025 години. Од нив досега исполнети се шест, а крајниот рок за исполнување на останатите 10 истекува во јуни годинава. „Водата навира од различни страни“, вели шефот за соработка во Делегација на ЕУ во земјава Штефан Худолин, симболично опишувајќи ја ситуацијата во која земјава ги брка последните рокови за заостанатите задачи во време кога треба да ги исполнува редовните
Власта, пак, е оптимист дека ќе исполни најголем дел од заостанатите задачи и уверува дека работи на новите. Аргумент е последниот извештај на ЕК, според кој Македонија сработела најмногу на планот на Реформската агенда во второто полугодие на 2025 година, споредено со своите соседи. Ако се земе предвид целиот процес од самиот почеток, Македонија е трета со тренд да го намалува заостатокот зад водечките Црна Гора и Албанија
Европската комисија го објави најновиот извештај за исполнувањето на Реформската агенда. Билансот покажа оти до 31 декември 2025 година, Македонија успеала да испорача уште 16 реформски чекори за кои преземала обврска пред Брисел.

Европската награда за сработеното е – 30,6 милиони евра за државниот буџет и уште 35,1 милиони на располагање за инвестициски проекти преку Инвестициска рамка за Западен Балкан.
„Овие реформи не се само дел од европскиот процес, туку директна инвестиција во функционалноста на државата и во квалитетот на животот на нашите граѓани“,
рече Сали.
Но, додека земјава добива пари од ЕУ, има ризик и да изгуби сериозни суми. На крајот на јуни 2026 година истекува продолжениот рок за исполнувањето на 10 реформски чекори кои веќе требаше да бидат исполнети до јуни 2025 година.
„Очекуваме од десет точки да ги исполниме 9,5, технички да бидат во ред, со тоа што ако прашувате оваа половина останува една точка да се третира од ЕК како точка која има потреба од подолга динамика, да го оценат ангажманот дека сме во насока на остварување, како пола точка или нема да го земат во предвид“,
изјави министерот за европски прашања.

Оригиналниот пакет на обврски што требаше да биде затворен минатиот јуни броеше вкупно 16 чекори. Од нив, земјава досега исполни вкупно 6, а остануваат споменатите 10. Ако не се исполнат до крајот на јуни 2026 година, односно во грејс-периодот од една година од оригиналниот рок, земјава неповратно ќе загуби 49,2 милиони евра од Планот за раст.

Од тие 10 преостанати обврски, за четири и Скопје и Брисел имаат ист став – дека не се исполнети. Тие се:
- Намалување на државната интервенција во цената на струјата – 8.563.247 €
- Оптимизација на 28 парафискални давачки (Стратегија за мали и средни претпријатија) – 4.281.623 €
- Закони за плати на судии, обвинители и судска администрација – 2.140.811 €
- Измени во Изборниот законик (препораки на ОБСЕ/ОДИХР) – 4.281.623 €

Извесно е дека првата обврска нема да се исполни и дека парите ќе пропаднат. Премиерот јавно изјавува дека повлекувањето на државната помош во сметките за струја би предизвикало сериозен ценовен шок.
Мали се шансите во преостанатиот еден месец да се направи уште еден чекор.
„Еден или два чекори зависат од учеството на опозицијата во нив, т.е еден во овој грејс-период и се надевам дека таму разумот ќе преовладее, дека ќе се вратат во работната група и оти ќе го усвоиме сите заедно овој реформски закон“,
кажа Мицкоски.

Мицкоски говори за нов Изборен законик. Формирана е работна група, но процесот останува со неизвесен крај откако опозицискиот СДСМ одлучи да го напушти. Причината е тоа што владејачкото мнозинство, без изграден консензус, изгласа укинување на концептот на техничка Влада не од следните туку од изборите по нив.
„Нема слух кај власта за тоа да се работи заеднички за доброто на граѓаните. Они секој ден тоа го потврдуваат. Еве ја држат земјата во изолација, ја продолжуваат црната пропаганда, си ги тераат своите тендерски постапки. Тоа е нивниот фокус. Ако сакаат заедничка работа, еве во делот на реформите што правеа две години? Две години се пропуштија. Понатаму, ако сакаат заедничка работа, зошто на сила го донесоа законот за влада? Никогаш тој закон не бил донесен без консензус“,
рече Филипче.

Преостанатите шест обврски на листата од десет се оние што македонската Влада и досега ги сметаше за исполнети, но ЕУ вели – НЕ. Тие се:
- Транспозиција на пакетот за интеграција на пазарот на струја – 6.422.435 €
- Нов Закон за Судски совет (според препораки на Венецијанска комисија и Оценската мисија) – 6.422.435 €
- Закон за електронски комуникации (согласно ЕУ стандарди) – 4.281.623 €
- Користење нематеријални средства како гаранција за кредити – 4.281.623 €
- Јавен регистар на државни претпријатија и компании со државно учество – 4.281.623 €
- Пополнување на сите работни места во Агенцијата за конфискуван имот – 4.281.623 €

Како е можно да има несовпаѓање на ставовите? Еве примери:
Владата ја брои како исполнета обврската да донесе нов Закон за електронски комуникации, согласно европското аки. Но, од Брисел, меѓу другото, нотираат дека:
Законот за електронски комуникации продолжува да вклучува одредби за финансирање на Оперативно-техничката агенција (ОТА), иако Европската комисија изрази загриженост во овој поглед.
Владата ја брои како исполнета и обврската за нов Закон за Судскиот совет, согласно препораките од Венецијанската комисија и Оценската мисија. Но, од Брисел велат:
Комисијата забележа дека, иако поголемиот дел од препораките беа земени предвид, не беше постигнато целосно усогласување со препораките и на Венецијанската комисија и на Оценската мисијата.
Сето ова значи дека, иако Владата се надева дека ќе исполни девет и пол од преостанатите десет обврски за што продолжениот и последен рок истекува во јуни, тоа е само на ниво на претпоставка.
За Делегацијата на Европската унија во Скопје, ваквиот оптимизам не е без поткрепа, но не е и без пречки.
„Теоретски е остварливо, но сè уште не сме стигнале таму. Потребен е поголем напор во претстојните недели, а потоа ќе треба да се оцени квалитетот. Не е поентата само да се донесе закон, туку ние да процениме дали тој ги исполнува сите барања. Предизвикувачки се меѓуинституционалните реформи, реформата на јавната администрација, реструктуирањето на државните претпријатија и владеењето на правото. Таму гледаме дека заостануваме во споредба со дигитализацијата и приватниот сектор“,
изјави шефот за секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Штефан Худолин.

Штефан Худолин, кој е шеф за секторот за соработка во Делегација на ЕУ во Скопје, потсетува дека тука се и другите рокови. Односно, додека енергијата сега е фокусирана да се фати последниот воз за реформите кои требаше да бидат завршени пред една година, истекуваат и редовните и вонредните рокови за други обврски.
„Кога зборуваме за тоа што е постигнато, мора да погледнеме и што не е постигнато и колку заостануваме. Таму веќе имаме прилично голем заостаток и тоа е еден од предизвиците – што ги одложуваме работите за подоцна. Чекорите што не се постигнати досега, ќе мора да се постигнат во подоцнежна фаза. И сега имаме преклопување на роковите, бидејќи за чекорите што не се исполнети, земјата има дополнителна една година грејс-период да ги исполни. Значи, сè уште не сме дошле до темпо каде што имаме чиста историја на исполнување. Сè уште ги стигнуваме старите чекори, а со секој нов рок за оценка се соочуваме со нови чекори. Ова е секако предизвик – водата навира од различни страни и справувањето со тоа ќе биде многу голем предизвик со претстојните чекори во иднина“,
кажа Худолин.
Институтот за Европски политики или скратено ЕПИ е невладина организација која го следи исполнувањето и неисполнувањето на реформските чекори.

Директорката Симонида Кацарска, која е директно вклучена во мониторингот, вели дека инструментот креира временски притисок и оти и покрај намерата фокусот да се стави на позитивниот елемент, постои ризик зашто претстојните рокови се клучни за забрзување на темпото.
„Рокот наближува сериозно. Во тој пакет се многу сериозни реформи, како што е Изборниот законик, за којшто знаеме дека нема политички консензус и подолго време е нешто што стои. Тука е прашањето и на цената на струјата, за којашто знаеме дека државата… веројатно тоа е некое од она што барем знаеме од страна, тоа е онаа половина којашто можеби ќе биде исполнета. Државата мора да држи оптимистичка нота, но секако дека ако погледнеме наназад, немаме перформанс којшто би оправдал очекувања 9,5 од 10. Да се надеваме дека ќе нè изненадат“,
рече Кацарска.

Во крајна линија, додава Кацарска, никако не смее да се заборави – реформите не треба да се сведат на штиклирање.
„Пред сè, капацитетот да се спроведе реформската агенда ќе влијае врз тоа дали и како ние ќе можеме да користиме средства од Европската Унија долгорочно. Бидејќи во дискусиите во ЕУ за новата финансиска рамка, тие се одвиваат во насока на тоа дека овој начин на поттикнување на реформите, односно оваа соработка, ќе стане всушност правилото, а не исклучокот. Што значи дека ние во догледен период, било дали би станале членка на Европската Унија или не, на овој начин би ги користеле многу повеќе средства од ЕУ“,
кажа Кацарска.
Одговорите на овие прашања, според начинот на кој е скроена Реформската агенда, се ексклузивно право и обврска на Владата.
Дали ќе бидат точни или не, оценува еден судија.
„Една од карактеристиките на Планот за раст беше транспарентноста во тоа како земјите напредуваат. Затоа овие информации се јавно достапни преку табела (scoreboard) каде што може да се види успехот на секоја земја. Таму гледаме дека има три земји што работат релативно добро и три кои малку заостануваат. Трите земји што работат добро се Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Според рангирањето, Северна Македонија е трета. Но, со овој напредок што го видовме во последната оценка, таа разлика се намалува. Ако Северна Македонија продолжи со ова темпо, ќе напредува и ќе го подобри своето место“,
вели Худолин.
Ранг листата за која говори Худолин, во бројки, изгледа вака:

Црна Гора има завршено безмалку една четвртина од своите 130 обврски. Следи Албанија со 23,1% исполнети од вкупно 143 обврски, а Македонија е трета, со потврда дека исполнила 16,2% од 136-те реформски чекори на кои се обврзала.
Разликата е помала доколку се земе во предвид колку пари секоја земја добила од ЕУ за завршеното, бидејќи за потешките задачи следуваат и повеќе пари.

Така, Црна Гора досега успеала да повлече 89,3 милиони евра, што е 23,3% од буџетот од 383,5 милиони евра наменет за неа. Албанија повлекла 212,8 милиони евра, што е 23,1% од 922,1 милиони колку што и се на располагање на Тирана. Македонија повлекла 142,1 милиони евра, што е 18,9% од резервираните за земјава 750,4 милиони евра.
