Политичка поларизација и фази на демократија кај земјите од Западен Балкан беа темите на кои разговараа поранешни и актуелни политички лидери, професори и истражувачи на дебатата насловена „Темели на демократијата и граѓански ангажман“, организирана од Канцеларијата на поранешниот претседател Стево Пендаровски.
Првиот дел од дискусијата и воведните обраќања беа посветени на основите на демократската отпорност во земјите од Западен Балкан, а говорниците посветија внимание на степенот на демократија во државите од регионот.

Поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Горан Свилановиќ, порача дека во политиката е важно да се искористат моментите. Зборувајќи за своето политичко искуство, преку фотографија од фудбалски натпревар на кој учествувал во 2015 година на маргините на Берлиснкиот процес, сподели дека играле два тима – Западен Балкан против ЕУ, па направи паралела со актуелната ситуација денес и евроскептицизмот.
„Меѓународната заедница чиј дел бев тогаш беше многу поинаква од оваа денес. Тогаш ми беше многу полесно да кажам што е правилно, а што погрешно, кој е лево на политичката сцена, а кој десно, кој е социјалдемократ, кој е прогресивец, либерал или десен центар. Оваа фотографија зборува за еден поинаков свет. Повеќето од нашите сограѓани во регионот веќе не веруваат дека ќе завршиме во ЕУ. Тие се многу искрени кога прашуваат, и истовремено искрени кога одговараат: ‘Да, но кога?’. Ако ги погледнам земјите, би рекол дека му аплаудирам на раководството на Црна Гора за решителните чекори. И се надевам дека би можеле да се приклучат… Ќе бидам многу искрен, верувам дека ќе можат да ги завршат преговорите и да ги затворат сите поглавја до напролет следната година. И верувам дека ќе можат да ги завршат преговорите за договорот за пристапување што се подготвува сега, до налето во Европскиот парламент. Но, ако ме прашате за Северна Македонија, да или не? Дали сите членки на Советот ќе гласаат ‘да’ или ‘не’? Се надевам, но нема гаранции. На другата страна се земји кои имаат добри причини да бидат скептични за тоа. Постојат добри причини луѓето таму, како и политичарите, да бидат многу претпазливи. Затоа што некои од големите чекори направени од тогашните лидери, вклучувајќи го и решавањето на односите со Грција, никогаш не беа возвратени од страна на ЕУ“,
порача Свилановиќ.

На дебатата се обрати и Хана Капетановиќ, истражувачка во „Демос“, која зборуваше за четири типа демократија и начинот на спроведување.
„Секојдневна демократија – тоа е столбот на кој најмногу работам, каде што испробуваме нови начини на практикување на демократијата. Реформа на јавните услуги, што се однесува на тоа јавните услуги да бидат повеќе засновани на меѓучовечки односи и превентивни, за да се подобри искуството на луѓето и да се зголеми нивната доверба во тие услуги, која честопати е изгубена. Економија на граѓаните, што се однесува на тоа како граѓаните можат да соработуваат со владата, со бизнисите и на пазарите за да создадат подобра економија која работи за луѓето. И отпорни информациски екосистеми. Работиме на она што го нарекуваме системски безбедносни закани со кои се соочуваме – заканата за начинот на кој колективно ги создаваме и споделуваме информациите во Велика Британија и сметаме дека тоа е под закана. На пример, дезинформациите, што е проблем во Британија, а секако и тука“,
посочи Капетановиќ.

Професорот на Правниот факултет при УКИМ, Ненад Марковиќ, оцени дека поларизацијата на политичките сцени на Балканот е длабоко идеолошка. Според него, станува збор за трета фаза на поделби, по деведесеттите, кога стануваше збор за претежно етнички поделби, и 2000-тите, обележани со политички поделби.
„Сега дојдовме до фундаменталната точка на недоразбирање, која е очигледно длабоко идеолошка, а тоа е –суверенисти против глобалисти (или можете да ги наречете космополити или несуверенисти). Овој судир можете да го наречете и судир помеѓу политички идеализам и политички реализам. Тоа особено се забрза и е видливо по доаѓањето на Трамп на власт. Токму она што се случи по Трамп беше нешто што подоцна ќе го објаснам – тоа е голем вакуум на моќ, вакуум на политички авторитет во регионот“,
рече Марковиќ.

Концептот на „вакуум на моќ“, според Марковиќ, е празен простор на моќ во земјите од Западен Балкан кога станува збор за односот на земјите со меѓународната заедница на двете идеолошки крила, во услови кога патот кон ЕУ е во ќор-сокак.
„ЕУ изгуби голем дел од своето влијание во овие земји. Можам да зборувам од моја перспектива како некој што живее и работи во Македонија, ќе биде потребна можеби една деценија за ЕУ да го поврати своето влијание овде. Поради многу причини: несовршеностите на тоа како е конституирана, принципот на апсолутен консензус итн. Но, она што се случи со Трамп и Орбан целосно го уништи суверенистичкиот блок кој имаше идеја дека имаат приказна, дека имаат наратив. Сега овој космополитски, глобалистички, про-ЕУ блок нема приказна, нема дискурс, нема цврста основа на која стои. Но, и другиот блок е целосно уништен од нестабилните акции на Трамп и падот на Виктор Орбан“,
порача Марковиќ.

Поранешниот претседател Стево Пендаровски посочи дека поради внатрешните несогласувања и недостатокот на стратегија на ЕУ, други политички сили се обидуваат да го пополнат „празниот“ простор.
„Мојата политичка опција, целиот мој политички живот биле ЕУ и САД. Рековте дека САД е друга држава на чело со Трамп, па моја единствена политичка опција во моментов би била ЕУ. Но следно прашање е кој ќе ја пополни празнината. Ако едни земји напуштаат, други ќе го пополнат тој простор. Не заборавајте дека има и други геостратешки играчи кои со години наназад се присутни во Западен Балкан. На прво место Турција, Кина и земјите од Заливот. Овие земји се преферирана опција. Зошто, бидејќи не нудат никакви услови за соработка. Тие не бараат владеење на правото и слобода на медиумите“,
рече Пендаровски.
И покрај евроскпептицизмот и разочарувањето од ЕУ, како и актуелните политики на САД со администрацијата на претседателот Доналд Трамп, говорниците на дебатата потенцираа дека Европската Унија и САД остануваат единствена опција за земјите од Западен Балкан.
