Највисок поединечен износ на тужбени барања е забележан кај Клиничката болница во Битола со 16,8 милиони денари, додека Општата болница во Куманово има најголем број тужители – 317 вработени
Клековски информира и дека Министерството за здравство формирало работна група со претставници од Министерството, Фондот за здравствено осигурување и двата репрезентативни синдикати, со цел појаснување на исплатата на додатоците и намалување на судските спорови
Вкупно 1 822 вработени во јавните здравствени установи во државата поднеле тужби против своите работодавачи, а вкупниот износ на тужбените барања изнесува 134,6 милиони денари (околу 2,18 милиони евра), соопшти денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Тужби се поднесени во 62 од вкупно 108 јавни здравствени установи, што, според него, претставува повеќе од половина од сите во земјата.
Најчестата причина за тужбите е неисплатата на додатоци на плата, меѓу кои прекувремена работа, ноќна работа, работа во смени, работа во недела и за празници, како и бонуси и јубилејни награди.

Највисок поединечен износ на тужбени барања е забележан кај Клиничката болница во Битола со 16,8 милиони денари, додека Општата болница во Куманово има најголем број тужители – 317 вработени.
„Тужбите најчесто произлегуваат од проблеми во примената на Законот за работни односи и колективните договори. Реалниот финансиски товар врз јавното здравство може да биде и поголем, бидејќи дел од постапките сè уште не се завршени“,
рече тој.
Посочи и дека трендот на нови тужби продолжува, при што само Здравствениот дом во Кратово најавил околу 65 нови тужители во 2026 година, со проценета вредност од над 3,5 милиони денари.
Инаку, Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска ја објави анализата за учеството на додатоците во вкупната бруто-плата и буџетската реализација во сите јавни здравствени установи за истиот период. Документот, како што беше наведено, претставува основа за планирање на буџетот и за унапредување на транспарентноста на платите во здравствениот сектор.
Анализата опфаќа 18 872 вработени во 12 типа на јавни здравствени установи за декември 2025 година.
„Оваа анализа ни дава јасна слика за тоа каде и зошто се исплаќаат додатоците. Наш приоритет е транспарентноста и ефикасното користење на јавните средства за здравствена заштита“,
кажа Клековски.
Осврнувајќи се на структурата на платите во јавниот здравствен сектор, рече дека просечната вкупна нето-плата на ниво на сите јавни здравствени установи изнесува 50 039 денари, додека просечната нето основна плата е 37 660 денари.
Највисок удел на додатоци се забележува во установите со непрекинат 24-часовен режим на работа.
Во таа насока, беше посочено дека Универзитетската клиника за државна кардиохирургија има удел на додатоци од 40,66 отсто, Клиничката болница во Штип 37,83 отсто, Универзитетскиот институт за радиологија 37,67 отсто, а општите болници со проширена дејност во просек 38,92 отсто.
Спротивно на тоа, превентивните установи и поликлиниките имаат удел на додатоци под 15 отсто, поради работа во редовно работно време без дежурства.
Клековски информира и дека Министерството за здравство формирало работна група со претставници од Министерството, Фондот за здравствено осигурување и двата репрезентативни синдикати, со цел појаснување на исплатата на додатоците и намалување на судските спорови.
„Наш став е дека тоа што следува треба да се исплаќа, но не смеат да се оставаат сиви зони кои создаваат простор за нееднакво постапување“,
кажа тој.
Како дел од препораките се наведени приоритетна исплата на правосилни и спогодбени случаи, системски преглед на исплатите на додатоци, воведување централен регистар за судски предмети, зајакнување на правните служби и унапредување на социјалниот дијалог.
Клековски посочи и дека недостигот на анестезиолози останува сериозен проблем во здравствениот систем, при што информира дека во 2025 година бројот на вработени во јавното здравство се приближува до 19 000, со очекување тој да биде надминат во текот на годината.
