„Секој полициски службеник што постапува по вакви случаи мора да биде подготвен професионално, одговорно и со емпатија да обезбеди заштита и поддршка за жртвите. Нашата цел е жртвата секогаш да биде во центарот на институционалниот одговор“, рече министерот
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ги посети полициските службеници што посетуваат обука организирана од Центарот за обука при Министерство за внатрешни работи и УНФПА, во рамки на проектот „Превенција и заштита од родово базирано насилство – Фаза 3“, поддржан од британска амбасада во Скопје.

Станува збор за еден од осумте циклуси на обуки за „Почетна едукација на професионалците за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство и мултисекторски одговор“, низ кои ќе поминат вкупно 200 полициски службеници од сите осум Сектори за внатрешни работи.
Во обуките се вклучени водичи на безбедносен реон, сменоводители и инспектори задолжени за постапување по пријави за родово базирано и семејно насилство.
Како што посочуваат од МВР, обуките се насочени кон јакнење на капацитетите и компетенциите на полициските службеници за навремено, професионално и сензитивно постапување во случаи на родово базирано и семејно насилство, со посебен акцент на заштитата и поддршката на жртвите.
„Секој полициски службеник што постапува по вакви случаи мора да биде подготвен професионално, одговорно и со емпатија да обезбеди заштита и поддршка за жртвите. Нашата цел е жртвата секогаш да биде во центарот на институционалниот одговор“,
рече Тошковски.
Упати благодарност до УНФПА и британската амбасада во Скопје за континуираната поддршка во јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на полицискиот одговор во справувањето со родово базираното и семејното насилство.
