За нов портпарол на партијата е избран Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет
Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната седница донесе повеќе кадровски решенија, со кои се назначуваат нови претседатели на општинските комитети на партијата.
„Дел се нови лица кои ќе внесат свежина во местата од каде што доаѓаат, а другиот дел се актуелни и докажани претседатели кои донесоа големи победи на изминатите изборни циклуси, но и големи позитивни промени во локалните самоуправи“,
се вели во партиското соопштение.
Меѓу назначените се Тони Јаревски за ОК Карпош, Иван Живковски за ОК Кисела Вода, Дејан Митески за ОК Аеродром, Сергеј Попов за ОК Центар, Ѓоко Велковски за ОК Чаир, Дарко Костовски за ОК Бутел, Бојан Стојаноски за ОК Ѓорче Петров, Душко Иванов за ОК Штип, Александар Велјановски за ОК Тетово, Мартин Андоновски за ОК Гостивар и други.
Со овие кадровски решенија, како што се додава во партиското соопштение, се зајакнува партиската структура и се гради иднината на државата на локално и централно ниво.

На истата седница за нов портпарол на партијата е избран Валентин Манасиевски.
Од партијата посочуваат дека Манасиевски е долгогодишен активист, кој политичкиот ангажман го започнал во структурите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Тој има завршено високо образование на Филозофскиот факултет при УКИМ, а во моментов е магистранд на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
