Според операторката на линијата, кај вакви случаи треба да интервенираат училиштата, родителите и луѓето кои се најчесто со децата и можат да ги препознаат тие симптоми кога детето не се однесува исто. Тоа, рече таа, може да биде губење интерес за секојдневните активности, изолирање, страв, тага или да изразуваат безнадежност

На СОС-линијата: +389 70 390 632 за деца и млади „Ало, бушавко“ минатата година имало 284 дојави, примени преку разни канали на комуникација. За најголемиот број дојави (83 дојави), односно 30 отсто, главна причина било менталното здравје, односно станувало збор за страв од вознемиреност, како и самоубиствени мисли и обиди за самоубиство, кои биле најчести во категоријата и имало 19 случаи.
Детската амбасада „Меѓаши“ денеска го презентираше годишниот извештај на СОС-линијата „Ало, бушавко“ за 2025 година, кој според нив открива загрижувачки податоци.
„Многу е загрижувачки што имавме дојави од 19 деца што имале самоубиствени мисли или се обиделе да си го одземат животот. Ова е аларм за целото општество и укажува на потреба од навремена реакција, континуирана поддршка, поголемо внимание на психичката состојба на децата и младите“,
рече операторката на линијата во 2025 година, Мила Дамјановска.
Според неа, кај вакви случаи треба да интервенираат училиштата, родителите и луѓето кои се најчесто со децата и може да ги препознаат тие симптоми кога детето не се однесува исто. Тоа, рече таа, може да биде губење интерес за секојдневните активности, изолирање, страв, тага или да изразуваат безнадежност.
„Ова се првите знаци што треба да ги препознаат возрасните и да интервенираат и да им дадат простор за да си ги кажат проблемите и она што ги мачи“,
рече Дамјановска.
Експертот за психосоцијална поддршка на деца, Јорданка Черепналкова-Трајкоска, рече дека 284 деца почувствувале дека не може сами да се справат и дека најсилниот сигнал што се добива во извештајот е дека најчестата причина поради која се јавуваат е менталното здравје, што, според неа, треба да биде системски приоритет. Таа појасни дека менталното здравје не треба да е грижа само на психолозите, туку и на секој човек.
„Осумдесет и три случаи кои се јавиле поради оваа причина, значи дека тоа е 30 отсто од вкупниот број дојави. Тоа значи дека секое трето дете што се јавило се бори со некоја внатрешна болка, со страв, анксиозност, вознемиреност, со нарушено расположение и опасни мисли насочени кон себе, со самоубиствени мисли, како што покажува извештајот“,
рече таа.
Черепналкова-Трајкоска вели дека ова покажува дека децата не се само под стрес, не се во некоја минлива криза, туку дека тие се оптоварени, преплавени и оти тоа се сигнали на сериозна ранливост и голем дел од овие сигнали е поврзан со дигиталното насилство преку пораки.
„Тоа значи дека денешното дете не може да се исклучи од насилството, тоа живее во реалност во која насилството не престанува во училиште, не се ограничува на еден простор и често се случува пред публика. Токму затоа психолошкиот ефект е посилен“,
додава Черепналкова-Трајкоска.
Таа рече дека кога детето е изложено на онлајн понижување, не само што доживува напад туку го губи и чувството дека припаѓа некаде, а тоа доведува до анксиозност, социјално повлекување, намалена самодоверба, а во некои случаи и до самоубиствени мисли.
Смета дека дигиталното насилство треба да се третира како и физичкото.
Податоците од извештајот покажуваат дека помош подеднакво бараат и момчињата (39 отсто) и девојчињата (36 проценти). Меѓу оние што се јавувале на линијата најчесто биле на возраст од 10 до 12 години (38 деца), од 13 до 15 години (33 дојави) и од седум до девет години (27 дојави).
Од вкупниот број јавувања, како што беше кажано, за семејни односи биле регистрирани 64 дојави, најмногу поради конфликти со родителите или бракоразводни постапки.
Педесет и седум случаи се однесувале на повреди, од кои 22 се физичко насилство, а евидентирани се и случаи на булинг и родителска негрижа.
Во врска со добиените дојави, „Меѓаши“ има преземено чекори и дадени се 152 препораки, 22 дојави се препратени кон други организации за правна поддршка и се насочени кон конкретни прашања. За 28 дојави, како што рекоа, имале директни интервенции во кои се контактирани други институции, 19 дојави се упатени до надлежни органи за спроведување на законот, 16 дојави до институции за заштита на децата, 13 дојави до здравствени работници, шест дојави до советници во училиштата и во некои случаи е направена друга интервенција.
Од „Меѓаши“ велат дека активна е и европската СОС-линија: 116 111, наменета за потребите на децата и младите, а телефонскиот број 070 390 632 ќе биде наменет за следење случаи што имаат континуирана поддршка и натамошно спроведување до институциите.
