Со прифаќањето и потпишувањето на капитулантските договори, Заев почна да го брише терминот ‘македонски‘, додека Филипче чувар на Заевата фотелја во СДС, спремен е да ја впише непостоечката и навредлива за нас Македонците придавка, ‘северномакедонски‘“, се вели во партиското соопштение
Од владејачката партија упатија повик до Филипче да делува во насока на заштита на македонските интереси, наместо да застапува политики кои се во согласност со бугарските позиции
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска велат дека лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче продолжува со антидржавната политика започната од експремиерот Зоран Заев.

Во партиското соопштение се наведува дека со потпишувањето на договорите во минатото бил потиснуван терминот „македонски“, а сега се прави обид да се наметне придавката „северномакедонски“.
„Таму каде што Зоран Заев застана со антидржавната политика, сега продолжува Венко Филипче. Со прифаќањето и потпишувањето на капитулантските договори, Заев почна да го брише терминот ‘македонски‘, додека Филипче чувар на Заевата фотелја во СДС, спремен е да ја впише непостоечката и навредлива за нас Македонците придавка, ‘северномакедонски‘“,
се вели во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДСМ нема проблем со употребата на ваквата терминологија од страна на соседните држави и оценуваат дека партијата води политика што е во согласност со бугарските позиции.
„Како пиун на новиот бугарски премиер, Румен Радев, како некогаш Заев на Борисов, Филипче и неговата СДС немаат проблем да водат антинационална и антидржавна политика, која е во интерес на бугарските власти. Само за нив, нема ништо лошо Бугарија да го негира нашето постоење пред 1944 година, нашите револуционери и дејци да бидат нивни и нашиот македонски јазик да го сметаат за дијалект на бугарскиот јазик. Ова негирање СДС и Венко Филипче дури и не го ни гледаат“,
додаваат од владејачката партија.
Во реакцијата се посочува и дека СДСМ и Филипче се залагаат за прифаќање на уставните измени како дел од евроинтегративниот процес, што претставува прифаќање на бугарскиот ултиматум.
„Како приврзаник и послушник на Радев, Филипче и СДС се единствените кои повикуваат прифаќање на бугарскиот ултиматум и бараат итно спроведување на уставните измени, кои се првиот чекор од сетот барања кои самата Бугарија, односно нејзините власти, јасно кажуваат дека понатаму ќе ги има. Ова само докажува дека СДС и Венко Филипче се на иста линија со Бугарија, барањата, ставовите и речникот им се исти. Нема разлика меѓу официјална Софија, СДС и Филипче“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат и дека Филипче, води политика спротивна на македонските национални интереси и поставија прашање дали е под влијание или притисок од бугарски политички структури.
„Вака отворено против својата држава и народ може да делува и работи само уценет политичар, друго објаснување за ваквата антидржавна политика, нема“,
се додава во партиското соопштение.
Оттаму потсетуваат и дека Филипче не одговорил на прашањата што му биле јавно поставувани во изминатиот период, а се однесуваат на неговите ставови за уставните измени и односите со Бугарија.
„Иако изминативе дена јавно го прашуваме, Филипче молчи и одговара со што толку е уценет од група бугарски политичари за вака антидржавно и антинародно да се однесува, и дали во оваа уцена е вклучен и неговиот ментор, Зоран Заев. Кога веќе Филипче не одговара на прашањата, му упатуваме апел да се вразуми и да почне да работи и делува во заштита на македонските интереси, а не како до сега главен лобист на бугарската агенда“,
велат од владејачката партија.
Партијата оценува дека на државата ѝ се потребни јасни гаранции дека уставните измени ќе бидат последно барање и последната отстапка на патот кон Европската Унија и повика на национален консензус за клучните прашања поврзани со евроинтеграциите.
„Влезот на Македонија во ЕУ треба да биде достоинствен, без национални и идентитетски отстапки“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Изминатиот период преку партиски соопштенија, ВМРО-ДПМНЕ постојано упатува критики кон лидерот СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека користи ист речник како официјална Софија и дека ги поддржува бугарските барања.
Филипче изминатава недела ја обвини Владата дека ја манипулира јавноста во однос на евроинтегративниот процес и односите со Бугарија, посочувајќи дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски првично ја премолчел средбата со министерка за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.
Ја цитираше пораката на бугарската министерка дека прашањето за внесување на малцинствата во Уставот не е билатерално, туку европско прашање, додавајќи дека тоа, според него, потврдува оти условот е дел од европската рамка за преговори.
Посочи и дека поддржува спроведување на уставните измени, но нагласи дека прашањата поврзани со македонскиот идентитет и јазик не смеат да бидат дел од преговарачкиот процес со Европската Унија. Според него, ваквата позиција може дополнително да се формализира преку резолуција, со цел да се заштитат државните и националните позиции во процесот на евроинтеграции.
