„Реалноста е следна: Тој (Мицкоски) сам ја укина техничката влада. Тој рече дека СДСМ не му треба. Тој вети дека до 1 јуни ќе ги заврши сите точки од Реформската агенда. Сега, кога не успеа да исполни ништо, повторно бара ‘разум од СДСМ’“, се вели во реакцијата на опозициската партија на денешната изјава на премиерот во врска со Реформската агенда
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија реагира на обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска изјави дека земјава ќе успее да ги заврши сите обврски од Реформската агенда доколку кај раководството на СДСМ надвладее разумот и партијата се врати во работната група за Изборниот законик.

Социјалдемократите од Бихаќска, пак, велат дека Мицкоски повторно се обидува да ја префрли вината врз СДСМ, за сопственото нефункционирање.
„Реалноста е следна: Тој (Мицкоски) сам ја укина техничката влада. Тој рече дека СДСМ не му треба. Тој вети дека до 1 јуни ќе ги заврши сите точки од Реформската агенда. Сега, кога не успеа да исполни ништо, повторно бара ‘разум од СДСМ’“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Од опозициската партија велат дека основниот услов за продолжување на преговорите со Европската Унија е внесување на малцинствата во Уставот и оти без тоа нема напредок кон Унијата.
Мицкоски, додаваат оттаму, нема да ги заврши реформите затоа што не сака да ги заврши. Причината за тоа, обвинуваат од опозициската партија, е што премиерот не сака независно судство, европско јавно обвинителство и не сака да ги исполни европските услови.
„СДСМ нема да му даде алиби за неисполнување на реформската агенда. Мицкоски не сака ЕУ. Тој сака само власт без контрола и без одговорност за да тера бизниси. Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Општина Кичево, рече дека доколку надвладее разумот во опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), до крајот на јуни ќе бидат завршени сите десет преостанати обврски од Реформската агенда, додавајќи дека реформите не се само промени на Уставот.
Мицкоски информира дека имале состанок со генералниот директор за соседство и преговори за проширување при Европската комисија (ЕК), Герт Јан Копман, и дека сите се оптимисти дека во предвидениот рок земјава може да испорача девет и пол од десет, а можеби и десет од обврските.
Од учеството на опозицијата, како што кажа премиерот, во овој грејс-период, зависи само донесувањето на Изборниот законик.
За потсетување, СДСМ се повлече од работната група што беше формирана од Министерството за правда за да работи на Изборниот законик поради измените на Законот за Влада, со кои беше укината техничката влада на 100 дена пред парламентарни избори.
Премиерот го критикуваше актуелното раководство на Социјалдемократскиот сојуз нарекувајќи го меко ткиво на македонскиот идентитет поради барањата на опозициската партија за внесување малцинства во Уставот, како услов за продолжување на евроинтегративниот пат на земјава.
