Овие законски измени Јаневска ги најави по повеќе случаи на врсничко насилство, меѓу кои и инцидентот во основното училиште „25 Мај“ во Ченто, каде што 15-годишен ученик беше повреден со остар предмет
Ќе се предвиди глоба од 250 евра за родители на деца што ќе извршат насилство во училиште. Дополнително, ќе се санкционира и одбивањето на родителот да соработува со училиштето и надлежните институции. Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска додавајќи дека се работи на законски измени со кои ќе се предвидат санкции за родителите чии деца вршат насилни дела.

Зборувајќи за законски измени со кои ќе се предвиди воведување казни за родителите чии деца извршиле насилство во училиште, таа рече дека во процесот се вклучени пратеници и дека се работи на дооформување на предлозите.
„Државниот секретар е во постојан контакт со пратениците. Мислам дека во овој момент се во Собранието за да ги дооформат овие предлози. Веќе е донесена одлука, тие измени ќе се направат и ќе се предвиди глоба од 250 евра за родителот за секое сторено насилно дело на детето, а ќе се санкционира и одбивањето на родителот да соработува со училиштето и институциите“,
рече таа.
Овие законски измени Јаневска ги најави пред два дена, со цел создавање побезбедна училишна средина, по повеќе случаи на врсничко насилство, меѓу кои и инцидентот во основното училиште „25 Мај“ во Ченто, каде што 15-годишен ученик беше повреден со остар предмет.
Таа ги повика родителите да обрнат повеќе внимание на своите деца бидејќи, како што вели, со исклучок на ретки примери, децата не ја развиваат агресивноста во училиштето, туку агресивни доаѓаат во училиштето, а ладното оружје, како примерот во Ченто, не го наоѓаат во училиштето, туку го носат однадвор.
