Лапе информира дека истрагата ќе продолжи и изрази очекување дека по нејзиното довршување, за реално краток рок, ќе биде поднесен обвинителен акт против осомничениот

Јавното обвинителство Куманово ја прошири истрагата против 25-годишниот Т. Б., овчар од селото Старо Нагоричане, за уште четири тешки кривични дела. Според обвинителот Љубомир Лапе, доказите упатуваат на тоа дека станува збор за прв регистриран случај на сериски убиец во државата, со елементи на фемицид.
Лапе вели дека по обезбедувањето нови докази истрагата сега опфаќа вкупно шест кривични дела – четири довршени убиства и два обиди за убиство.
Обвинителот Лапе појасни дека жртвите во сите случаи биле жени, што укажува на родово базирано насилство.
„Колку што ми е мене познато, ова е прв случај кај кој од доказите произлегува дека се работи за сериски убиец кој сторил и кривично дело фемицид, односно родово базирано насилство“,
рече обвинителот на денешниот брифинг со новинарите.
Обвинителот информира дека истражните активности се воделе по утврден план, при што биле анализирани настани три години наназад.
„Во рамки на истрагата беше формиран посебен тим кој изврши анализа на сите починати жени во наведениот период, кај кои постоеја индиции дека смртта може да е последица на кривично дело убиство. По направената анализа изготвена е листа на потенцијални жртви, а кај три случаи беше направена проценка за ексхумација и обдукција“,
изјави Лапе.
Кај една од починатите, рече тој, не биле најдени наоди кои упатуваат на убиство, но кај две жени се утврдило дека станува збор за жртви.
Во однос на обидите за убиство, Лапе посочи дека едната од нападнатите жени не го видела сторителот, додека втората го видела и го препознала осомничениот.
Првите две убиства, за кои е веќе отворена истрага, се случиле во периодот од 23 јануари до 12 февруари, додека втората истрага се однесува на настани од 17 до 18 јануари годинава. Третото проширување на истрагата ги опфаќа убиствата сторени во периодите од 5 до 6 јануари и од 5 до 6 јуни лани. Обидите за убиство, според истрагата, биле извршени на 21 јуни и на 9 февруари минатата година.
Лапе информира дека истрагата ќе продолжи и изрази очекување дека по нејзиното довршување, за реално краток рок, ќе биде поднесен обвинителен акт против осомничениот.
Тој потврди дека лицето сè уште се наоѓа во притвор, кој му е продолжен, и дека по комплетирањето на истражната постапка ќе следува официјално обвинение.
Дваесет и петгодишникот Т. Б. од селото Малотино во општина Старо Нагоричане беше уапсен на 13 февруари годинава како осомничен за убиство на 78-годишна жителка на село Челопек. Основното јавно обвинителство Куманово отвори истрага за случајот, а рекоа и дека во координирани дејствија со МВР и Институтот за судска медицина веќе работат на поврзување на овој случај со неколку други слични настани. Осомничениот беше подложен и на психијатриска процена од страна на тим експерти.
Поврзани вести:
- Уапсен 25-годишник во Старо Нагоричане осомничен за убиство на 78-годишна жена
- Дваесет и петгодишник е осомничен за свирепото убиство во кумановско Челопек, се испитува негова поврзаност и со други случаи
- Осомничениот убиец од Старо Нагоричане ќе оди на психијатриска процена
- Двете жени од Општина Старо Нагоричане починале од насилна смрт, велат од Судска медицина
- Осомничениот за убиството во Општина Старо Нагоричане е во затворот во Куманово и е во добра здравствена состојба
- Ќе се ексхумира телото на уште една повозрасна жена од Кумановско, 25-годишникот досега е осомничен за две убиства, мотивот останува непознат
