„Очекувам целосна транспарентност од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука. Истовремено, и пред да излезе Советот на јавни обвинители со одговор дека будно ја следат состојбата, добро е да знаат дека ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“, вели ресорниот министер во пишана изјава
Инаку, во реакцијата министерот за правда не се осврнува на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска обелодени дека му се јавил на државниот јавен обвинител во врска со овој предмет
Одлуката за запирање на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“ е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем, реагира министерот за правда Игор Филков и додава оти смета дека таа мора итно да биде преиспитана.

Во пишана изјава, ресорниот министер вели дека во време кога јавноста очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и злоупотреби добиваме порака дека предмети од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница.
Во изјавата, Филков се осврнува и на одговорот од Советот на јавните обвинители и упатува порака дека пред да кажат дека будно ја следат состојбата добро е да знаат со ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Очекувам целосна транспарентност од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука. Истовремено, и пред да излезе Советот на јавни обвинители со одговор дека будно ја следат состојбата, добро е да знаат дека ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“,
вели министерот за правда Филков.
Инаку, во писмената реакција на министерот за правда за запрената постапка за случајот со увоз на мазут тој не се осврнува на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска обелодени дека му се јавил на државниот јавен обвинител во врска со овој предмет.
Во таа насока, „360 степени“ упати прашање до Министерството за правда: „Кој е ставот на министерот за тој потег на премиерот“?
До објавувањето на овој текст не добивме одговор од ресорното министерство.
Одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да ја запре постапката за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“ наиде на жестоки реакции од премиерот и партијата што ја предводи, ВМРО-ДПМНЕ, од каде што бараат оставка од шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, обвинувајќи го дека работи по диктат на СДСМ и ДУИ и дека одработува за добиената функција.
За посетување, ОЈО ГОКК вчера соопшти дека ја запрело постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа. Истрагата се водеше против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата РКМ, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, коментирајќи ја одлуката, за медиумите изјави дека вчера разговарал со државниот јавен обвинител за конкретниот предмет откако со шок и неверување ја примил веста за запирањето на постапката за набавките на мазут. Позитивно во ситуацијата, според премиерот, е што АД ЕСМ ќе вложи жалба за одлуката на Обвинителството, по што, според него, предметот повторно ќе биде вратен на преразгледување и на повторна анализа бидејќи, ако тоа не се случи, како што рече, Обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево потврдија дека државниот јавен обвинител Ненад Савески вчера имал телефонски повик од премиерот Христијан Мицкоски, прв по стапувањето на Савески на функцијата, но, како што наведоа оттаму, во разговорот воопшти не станало збор за детали за конкретен предмет, вклучително и за запирањето на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
На прашање на премиерот за конкретниот предмет, од страна на Савески му било кажано она што вчера беше објавено од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во медиумите, дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дознал по нејзиното објавување.
Претседателот на Советот на јавните обвинители Башким Бесими за „360 степени“ денеска изјави дека за разговорот меѓу премиерот и државниот јавен обвинител дознал од медиумите и додаде дека внимателно ја следи ситуацијата и дека ќе разговара со Савески пред да се одлучи за евентуална седница или за други чекори.
Во врска со разговор Мицкоски – Савески реагираа од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, од каде што го обвинија премиерот дека повторно му диктира задачи на државниот јавен обвинител. Оттаму бараат оставка од државниот јавен обвинител, бидејќи, како што велат, откако е дојден на функцијата работи по нарачка на премиерот Мицкоски.
